ШТИП: ВМРО обвини за непотизам, СДСМ одговори дека не можат креаторите на непотизмот да обвинуваат за такво нешто
Штип, 13.02.2019
Политичката битка без пардон во Штип продолжува. Секоја појава е погодна за „млатење“ по политичкиот противник. Така беше и дене, кога ВМРО ДПМНЕ на прес конференција жестоко го обвини СДСМ за непотизам при вработувањето во јавниот сектор. Разбирливо, од социјалдемократите одговор стигна ургентно.
ШТО РЕКОА ОД ВМРО ДПМНЕ
Ветениот живот со департизација на институциите и професионализација на кадарот, изгледа беше слатка приказна која ја соџвакаа и најскептичните. Оваа реалност, дополнета со непотизам, предизвикува гадење и неверување на локално и национално ниво. Јавноста беше згрозена од тоа што носители на јавни функции, со високи месечни примања на сметка на буџетот, ги вработуваа своите роднини и пријатели до трето колено. Меѓутоа, иста таква слика имаме и во Штип, каде безобразно и без грам морал институциите се полнат со блиски на директори, раководители и партиски функционери.
Директорот на Средното училиште Димитар Мирасчиев си ја вработи сестра му во Дневниот центар за деца со посебни потреби, директорот на средното училиште Коле Нехтенин ја вработил сопругата во основното училиште Тошо Арсов, директорот на Клиничка болница си ја вработи сестра му во основното училиште Тошо Арсов, а жена му – во средното училиште Јане Сандански, жената на директорот на основното училиште Ванчо Прке е вработена во ЈП Исар, а Директорката на Центарот за социјални работи е жена на раководителот на подрачната единица на Министерството за замјоделство, шумарство и водостопанство. Ова се дел од примерите на кои секојдневно сведочиме!
Власта очигледно има визија како да ги згрижи своите партиски членови, кои по некоја случајност се во роднинска врска со носителите на високи државни и партиски функции на локално ниво. Но, СДСМ е далеку од визијата за департизација на институциите, затоа што нивните постапки се доказ дека го работат спротивното.
Власта знае дека набрзо ќе биде сменета и е јасно зошто врши силување на системот и превработување во јавниот сектор. Но, прашањето што се наметнува од целокупната ситуација во градот и во државата е дали овие кадри се најсоодветни и најстручни за работните позиции кои ги имаат? Дали ова е најкомпетентниот кадар од СДСМ, кој ги исполнил сите услови за вработување на тоа работно место? И дали со ова не се дискриминираат останатите кои се пријавиле за истите работни места, но не биле избрани затоа што не се во блиска роднинска врска со некој од високото раковоство во Штип, рекоа од опозициската ВМРО ДПМНЕ?
ОДГОВОР НА СДСМ
ВМРО-ДПМНЕ е симбол на непотизам и масовна партизација на државните институции. Не постои поголемо лицемерие од тоа ВМРО-ДПМНЕ да зборува за вработувања во администрација.
Токму ВМРО-ДПМНЕ во годините во кои владееше во Штип вработи илјадници партиски кадри, сите според списоци од нивните Општински Комитети и јавноста добро го памети тоа. За разлика од таквиот пристап на ВМРО-ДПМНЕ, денес процесите за вработувања се законски, јавни и транспарентни. Сите вработувања се согласно план, потреба и програма на самата институција, а за сите кандидати важат еднакви услови и критериуми. Секој има еднакви можности за работа.
СДСМ останува доследен на одамна искажаниот став дека во државната администрација нема и не смее да има реваншизми, притисоци и политика. Секој има право да членува или да не членува во политичка партија, но тоа право никако нема и не смее да се доведе во врска со работното место.
Секој кој има квалитети, без разлика дали е или не е член на која било партија има еднакво право да добие работно место а со тоа и сериозна обврска своите работни задачи да ги извршува на професионален начин. Започнат е процес на деполитизирана и департизирана администрација. Тоа значи вработувања според мерит систем, а не според политика или партиска припадност.
Во јавниот сектор, во државните институции и претпријатија, мора да се работи според мерит систем и според потребите на граѓаните, бидејќи институциите постојат за граѓаните, а не обратно.