Кочани, 11.03.2019
Комуналното јавно претприајтие „Водовод“ во соработка со Општина Кочани непрекинато ја следи и презема мерки со кои се контролира состојбата на Градската депонија.
Само овој викенд на Градската депонија се пренесени околу 500 м3 земја со цел да се стави под контрола нејзиното согорување, како резултат на одредени хемиски процеси и горење, предизвикано од пред неколку денови, од страна на несовесни граѓани.
Паралелно со ова, викендов раководството на КЈП „Водовод“ и градоначалникот Николчо Илијев одржаа средби со претставници на Месната заедница Бели, со кои се договорени конкретни активности и поддршка во настојувањата да се сведе на мининум загадувањето предизвикано од Градската депонија.
Трајното решение на овој децениски проблем е затворање на Градската депонија, што ќе произлезе од зајакнувањето на капацитетот на претпријатијата во регионот што управуваат со отпадот.
За таа цел, Министерството за животна средина и просторно планирање и општините од Источниот и Североисточниот плански регион, со поддршка од ИПА-програмата, односно со средства од Европската Унија реализираат проект за воспоставување интегриран регионален систем за управување со отпад во овие два региона.
Со реализацијата на овој проект, сегашната Градска депонија во близината на селото Бели ќе згасне, а комуналниот отпад од Кочани ќе се носи на претоварна станица чија локација е предвидено да биде кај Превалец – Истибања, од каде што ќе се носи на регионалната депонија во Свети Николе.
Изградбата на регионалната депонија и изградбата на трансфер-станиците ќе започне да се реализира оваа година, информираат од КЈП „Водовод“.