Делчево, 23.04.2019
Започна поплочувањето со бехатон плочи на улицата во изградба која води кон резервоарот во селото Габрово. Се поплочуваат 200 метри од улицата, а градежните работи кои предвидуваа валирање и набивање на тлото, како и тампонирање се веќе завршени. Со комплетната изградба на улицата која прв пат добива современ лик, треба да се заврши до крајот на месецов.
Изградбата на оваа улица е на барање на жителите кои живеат во овој дел на селото, бидејќи поради лошата конфигурација и непристапност, тешко се движеа пешаци, а немаа пристап ниту возила.
Изведувач на работите е фирмата „Фабрика Карпош“ од Скопје. Вредноста на инвестицијата изнесува 872 илјади денари, а средствата се обезбедени од Буџетот на Општина Делчево.
Инаку, претходно, екипи од ЈПКД „Брегалница“ја реконструираа водоводната линија на улицата што е продолжение на активностите на ЈПКД „Брегалница“ од минатата година, кога беа реконструирани околу 700 метри од водоводната линија во селото, а потребата од реконструкцијата на водводната линија беше наметната поради честите дефекти во мрежата и проблемите што ги има селото со водоснабдувањето.