Проста и строга македонска сказна: Пензионерскиот сојуз ќе плати силни пари, за лични фрустрации и ќејфови на Д.Аргировски!?
Колегата (еднаш новинар – секогаш новинар), Драги Аргировски (дотурка до уредник на Дописната редакција на МРТВ), ме “зачука” пред Основниот суд Скопје 2 Скопје, дека, наводно, сум “му сторил клевета”, по член 8,став 3 ВВ, став 1, од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета.
Наводната навреда и клевета сум ја сторил со написи во портали и, внимавајте, “партиски соопштенија”- од незнам која партија и во која незнам дека беше сум бил портпарол и незнам кој е автор на соопштенијата!?
Ок! Негово право. Ама, е ем неправо ем нечесно, тоа што колегата не ме тужи ем клевети, како физичко лице, туку за тоа го злоупотребил (како негов претседател) Сојузот на здруженијата на пензионерите на Република Македонија.
Самиот, пак, обилно ме клевети и навредува во весникот “Нова Македонија”, чија редакција, онака “колегијално”, нит ме декса нит ме прашува – како втора страна, а на драгиот Драги му дозволува да истура навреди – како ќе му текне и колку ќе му текне! Јас,пак, онака Волтеровски, нит му возвраќам на драгиот колега со анти-тужби, нит, пак, ја тужакам професионалната и колегијална редакција – пред Судот на честа на нашето заедничко еснафско здружение – ЗНМ.
Зошто, токму, во “Нова Македонија” на драгиот Минчо?Затоа што Минчо и Драги се бизнис партнери, тој таму го печати додатокот “Пензионер”, попатно и сите свои книги, кои подоцна им ги продава на здруженијата – ширим републиката!
Не е многу за фалење, ама, уште еднаш: зошто “Нова Македонија”? Затоа што на времето, кога и самиот се рашетував по владините одаи, ја спасив од конечно пропаѓање. Кој не знае, нека го праша колегата Адамчевски.
Нејсе, да и се вратиме на темата. Тоа што Драги не ме тужи како Драги, туку како “Здружението тоа сум јас!”, оваа злоупотреба сега ќе го чини Здружението 24.000,oo денари (замислете, Драги не е шега: Вредноста на спорот за утврување на одговорност за клевета и надоместување на штета изнасува “само” 1.230.000,оо денари!) затоа што чесниот суд не најде елементи и не утврди моја одговорност, те го одби барањето на Драгиот како неосновано!
Сполај ти, чесен суде, ама што правиме сега со парите? Тие се наши пари, мои пари. Ќе ми ги врати ли Здружението?А со чесниот суд нема трте мрте!Ако Здружението не ги врати парите доброволно, ќе ги врати присилно, преку УЈП, ама сега со 50 проценти зголемен износ! И тие пари се ваши, ама и мои – на тужениот.
Како тоа “чесниот и за нас пензионерите грижлив претседател” – татко, со наши пари, се расфрлал, исправувал фатаморгани и лични “криви Дрни”, си истерувал свои ќејфови?
Да, Драги сега може да се жали, да ја продолжи постапката пред повисоката судска истанца – Апелациски суд. Може, ама тоа ќе кошта два пати по толку! Двојно од трошоците во првостепената постапка. Ќе смее ли Здружението да си го дозволи тој луксуз и натаму да троши ваши и мои пари за ќејфовите и личните фрустрации на драгиот Драги!?
Е сега, оваа злоупотреба на драгиот Драги е само врв од ледениот брег. Пред нецела седмица со драгиот Драги се видовме во Основниот суд во Охрид. Конечно се смилува и дојде да сведочи во процес поврзан со неговиот локален пензионерски шериф. Во случајов се е глобално, само што Драги се вади локално!
Сега Драги не знае ништо од сето она што заеднички го работеле со локалецов – претседател на Здружението на пензионерите за општините Охрид и Дебрца. Не знае дека, по примерот на еден Велија, згаснувале жиро сметки, за да не враќаат милионски долгови! Не знае дека овие од Охрид, ја згаснале сметката во Охридска Банка – Сосиете женерал, како Здружение, а отвориле нова, сега на нов правен субјект – Актив на пензионери!
Вашите и моите пари, сега Драги ги префрла на сметката на Активот. Всушнос, не ги префрлал Драги, туку за” да не се сетат Власите” ( полицијата, судовите, УЈП…) формирале некаков Одбор кој располагал и ги распоредувал средствата слеани од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Република Македонија издвоени за членарини и солидарен фонд?
Конечно, Драги, во врска со судскиот процес пред Основниот суд во Охрид, не знаел дека неговиоит локален шериф, ама пресликано по примерот на главниот бос од Скопје, истерувал лични правдини и ќејфови, за кои, Здружението на пензионери, ќе плати – само за судско граѓански и извршни трошоци, околу 25.000 евра!Ваши и мои пари!
Ете, проста и струга македонска сказна, а драгиот Драги, во Судот во Охрид ме прашува: “Колега каде овде гледаш мега афера”!?
Е,каде, де!?
А, ова, повторувам, е само врв на ледениот брег. Допрва ќе следуваат супер-мега афери и скандали,од кои, на пензионерите ќе им се крева на главата на косата – што ја немаат!