РАДОВИШ: Велигденските фолклорни средби во Ораовица во знакот на Етнос-Скопје, 1.000 порции радовишко гравче и гркот Новакис Константинос
Радовиш, 29.04.2019
Фантастична атмосфера на Петнаесеттите меѓународни Велигнденски смотри на изворен фолклор во неверојатниот манастирски комплекс „Св.великомаченик Георгиј“ кај радовишкото село Ораовица чиј ктитор е Николајчо Николов, заменик генерален директор во рудникот „Бучим“.
Смотрите во кои учествуваа околу 400 учесници од седумнаесет фолклорни друштва од нашата држава и од Бугарија ги проследи повеќеилјаден народ. Организатор е Фолклорниот ансамбл „Китка“ од Ораовица со поддршка и помош на Општина Радовиш и рудникот Бучим.
За посетителите организаторот подготви 1.000 порции квалитетен радовишки грав.
Во програмата која траше пет часа, присутните уживаа во прекрасните народни носии и убавите народни ора, за на крајот жири комисијата да ги прогласи најдобрите.
За најдобра носија беше прогласена носијата на ФА „Китка“ од Истибани, Виничко, најдобар сценски настап имаше АКВ „Бајрам Шабани“ од Куманово, третата награда му припадна на ансамблот „Самовилска китка“ од Самоилово, Бугарија, втората награда ја доби КУД „Коле Неделковски“ – Велес, првата награда исто така отиде во Велес кај КУД „Керамичар“ додека Гран прито беше доделено на ФА „Етнос“ од Скопје.
Беше доделано и признание за животно дело кое му припадна на КУД „Тетевен“ од Бугарија.
Со громогласен аплауз беше поздравен настапот на Новакис Константинос од Грција кој исполни грчки и македонски песни.
Ви донесуваме неколку фотографии од преубавиот настан одржан во еден исклучителен предел каков што е спомнатиот манастирски комплекс во Ораовица, комплекс исполнет со високи дрвја, бујни води, зелени ливади, руредени летниковци, отворени скари…