Делчево во чест на Светите Кирил и Методиј на најдобар начин одбележа 1150 години од смртта на Константин Кирил Филозов
Делчево, 24.05.2019
Делчево денес беше домаќин на научна трибина посветена на годишнината од смртта на најмаркантната личност од сесловенската историја, Константин Кирил Филозоф. Одбележувајќи 1150 години од смртта на Кирил, Општина Делчево за прв пат се вклучува во афирмација и промоција на научната мисла и потврда за значењето на делата на сесловенските просветители.
На трибината научни предавања одржаа: проф.д-р Александар Атанасовски од Институт за историја, проф.д-р Снежана Филипова од Институтот за историја на уметноста и проф.д-р Снежана Ваневска-Антевска од Институит за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Преку нивните предавање беа опфатени три значајни аспекти од животот и делото, но и наследството на сесловенските просветители, посебно создавањето и етаблирањето на македонскиот јазик.
Научната трибина ја отвори градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски кој се заблагодари на научните работници за нивниот придонес Делчево да се запише на светската мапа на градови кои со научна мисла го афирмираат и промовираат делото на Свети Кирил и Методиј.
-Да се зборува за делото на светите браќа Кирил и Методи и нивното наследство е чест, но и многу деликатна работа, затоа јас тоа го оставам како предизвик на нашите ценети професори кои ја прифатија нашата покана – Делчево да го запишат во градовите кои ја негуваат научната мисла и даваат свој придонес во афирмација на научните факти за животот и делото на светите браќа Кирил и Методиј. Колку е извонредно важна и суштинска мисијата на светите браќа, говори фактот што денес тие се патрони на Европа – признание дадено од Ватикан со цел да се потенцира нивното значење за единството на европските народи. Но, тие се и патрони на Делчево, рече Трајковски.
Тој, истакна дека Делчево како град со посебен пиетет го одбележува празникот посветен на светите браќа Кирил и Методиј, во таа смисла е и доизградбата на новата црква посветена на Свети Кирил и Методиј. Градоначалникот Трајковски изрази блгодарност на донаторите во доизградбата на црквата додели плакети-благодарници на д-р Милен Врабевски од Фондацијата „Бугарско сеќавање“ и на донаторот Дарко Ќурчиски од Пехчево, а посебна благодарност изрази на Неговото високопреосвештенство Митрополитот Брегалнички Иларион кој воден од идејата за поврзаноста на Делчево како град низ кој тече Брегалница и со Брегалничката мисија го даде предлогот овие светители да се празнуваат како заштитници на Делчево. За ова дело на Владиката Иларион, Трајковски му додели плакета-благодарница.
Празнувањето на светите браќа Кирил и Методиј започна со Светата архиерејска литургија со која чиноначалствуваше Владиката Иларион на која присуствуваа голем број верници од Делчево, а традиционално се одржа и Литија од црквата „Св.Наум“ до параклисот „Св.Климент Охридски“ во дворот на СОУ „М.М.Брицо“ каде беше пресечен славскиот колач.
Во рамките на ова одбележување во Делчево беше одржан мини саем на книгата со учество на четири издавачки куќи, премиерно беше прикажан македонскиот филм „Господ постои, името и е Петрунија“ во кој главната улога ја игра Зорица Нушково по потекло од овој град, беше отворена изложба на теракотните укони од музејот „Теракота“-Виница а синоќа гостуваше Камерна опера од Благоевград.
Всушност, Делчево како ниту едден друг град во државата го чествуваше големот дело не Светите браќа Кирил и Методиј.