Кочани, 10.06.2019
Во кочанско, а и во останатиот дел на регионот каде се се белото злато, сеидбата на оризот заврши. Во источниот регион посеани се 4.000 хектари, од кои 95 проценти се во кочанската котлина. Во исто време во силосите нема речи ниту килограм ориз за продажба. Целото производство е продадено па производителите на белото злато се молат годината, од климатски аспект, да биде поволна за наесен да имаат добра жетва.
-Нашите трговци кога го откупуваа оризот од нас производителите галамеа со употреба на реченицата „Како да ви го откупам кога нема што да му правам“, а денес се покажува дека зад сето тоа се криела намерата да ни го откупат оризот по што помала цена. Сега кога се виде дека кочанскиот ориз е баран производ на пазарот ние се надеваме дека ќе имаме убава реколта и исто таква цена кога наесен ќе го собираме овогодинашниот родот. Ова го вели Драгољуб Гаврилов од селото Чешиново кој поседува десет хектари под ориз кои тој и неговото семејство најпедантно ги обработуваат.
Во кочанскиот крај една од доминантните теми кога се сее оризот е и прифаќањето на новите турски сорти во производството. На оваа тема шест години работеа на Земјоделскиот институт при УКИМ во Кочани.
-Идејата ни беше да се воведат странски сорти, во случајот турски, заради остварување поголеми приноси со добар квалитет, а се поради благосостојбата на производителите. За таков нешто мора да се направат определени тестирања за да се види како некоја странска сорта ќе реагира на нашите почвени и климатски услови. Имавме вкупно четиринаесет турски сорти на ориз за тестирање од кои како најприфатливи за нашето поднебје се издвоија три: Халил Беј, Ѓонен и Гала кои од надлежните институции добија одобрување за сеидба пои што турските сорти започна да се сеат од 2013 година наваму, вели д-р Добре Андов, кој со колешката Даница Андреева, исто така доктор по оризовата култура, посветено и со децении работат на ова поле.
На почетокот, во 2013 година, во процесот беа вклучени дваесет фармерски семејства, година дена подоцна тој број се искачи на осумдесет. На сите нив бесплатно им беше поделен семенски материја за засејување на по еден хектар под ориз. Истовремено, педесет фармери на двапати, во период на сеидба и во период на жетва, беа во Турција, во реоните на Едрене и Ипсала кои се најголеми подрачја за производство на ориз. Андов вели дека покрај оризовите полиња тие ги посетиле и Институтот за ориз, фабрики за производство на земјоделски машини и опрема, големи сушари каде биле запознаени со целокупната технологија. Нашите земјоделците слушнале и стручни предавања во однос на турските сорти и бенефитот кој од нив се добива.
-Сортната комисија при Министерството за земјоделие правеше тестирања на турските сорти во однос на најзастапената сорта кај нас Сан Андреа, по што комисијата одлучи трите турски сорти да се стават на листата за производство. Одтогаш наваму нашите производители на ориз секоја година ги зголемуваат површините со турски сорти но најпопуларна е Халил Беј, потенцира Андов.
Драгољуб Гаврилов е еден од првите производители кој се определи за Халил Беј.
-Ние земјоделците не сме неписмени, ние добро знаеме што за нас носи поголем профит како основа на секоја работа. Халил Беј дава за 20 до 30 проценти поголемо производсто, стасува десет до петнаесет дена порано што е многу битно бидејќи кај нас веќе во месец октомври знае да падне слана и да ни го десеткува родот. Оваа турска сорта не полегнува, таа е повеќе отпорна на болести и на штетници и на земјоделците им го овозможува она кое е нивен сон – со помал труд и помали трошоци да добијат поголемо производство, вели Гаврилов.
Инаку, состојбата со оризот не е најдобра. Само до пред триесет години, во 1988 година, под оваа култура беа засеани 9.800 хектари, или повеќе од двапати од површините кои се сеат последните десеттина години. Руинираниот Брегалнички хидромелиоративен систем чија проценета вредност е 2,5 милијарди евра, а кој во функција беше пуште во 1970 година, постојаното играње мачка и глушец помеѓу трговците, накупците и прекупците со производителите, цените кои секоја власт ги ветуваше пред жетва, а речиси никогаш не беа исполнувани, се главните причини за тоа што оризот денес се сее на најмали површини во историјатра на неговото постоењето во нашата држава.