ШТИП: СДСМ менува стратегија и излегува на терен, меѓу народот

Штип, 13.07.2019

Со новото раководство на чело со претседателот Александар Кангалов, СДСМ во Штип ја менува стратегијата. По неколкуте состаноци на највисоките органи на партијата во Општина Штип, од владеачката партија најавија излегување на терен, меѓу народот.

-Ние од СДСМ си ја зададовме обврската кон сите вас да обезбедиме побрз напредок на општеството, зголемување на квалитетот на секојдневието и повеќе пари кај граѓаните. За исполнување на нашите обврски, летово спроведуваме потребни промени, нов начин и осовременет модел на нашето работење, а сè со цел да имаме задоволни граѓани.

Затоа, во текот на летото нема да одмараме, туку ќе спроведуваме теренски активности и средби со граѓаните во сите маала, урбани заедници, во сите села и населени места. Преку разговор за досега оствареното, но и заедничко планирање за она што доаѓа покажуваме и на дело дека зборот важи, порача Македонка Николова, секетар оа Општинската организација на СДСМ.

Според Николова граѓаните ќе имаат можност секојдневно да се среќаваат со тимовите на СДСМ, кои ќе бидат придружувани од партиски носители на функции, советници, директори и раководители кои доаѓаат од нивните редови, како и градоначалникот, претседателот и секретарот на општинската организација, но и сите други претставници на локалното раководство. Целата структура на СДСМ се става во функција за успешна реализација на потребите на граѓаните. На средбите ќе се зборува за потребите на граѓаните, за отворените прашања, за работата на институциите, за начинот на решавање на проблемите. Ќе се разговара за тоа што е добро сработено во изминатите две години, но и за тоа што може да се подобри.

-Заедно со вас, почитувани граѓани на Штип ги донесовме промените, заедно со вас продолжуваме да го забрзуваме напредокот на нашата средина и на нашата земја, заедно со вас работиме за подобар живот на сите наши граѓани низ целата земја. Ве покануваме да ни се приклучите. Бидете гласни, изјаснете ги вашите ставови, затоа што ние сме тука да го слушнеме вашиот глас и веднаш да делуваме, изјави Николова на прес конференција завршувајќи ја истата со „Се гледаме на терен“.

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе