КОЧАНИ: Дисциплински мерки за вработените во општинската администрација на за неетичко и партиско делување

Кочани, 10.10.2019

Вработен во Општина Кочани залепил плаката за партиска трибина на владеачката партија, а негова колешка од спротивната партија го сликала плакатот и го испратила до портал близок до опозиицијата. Со тоа тие ги погазиле етичките норми и стандарди кои вредат за општинската администрација и против нив одделението за човечки ресурси презеде соодветни дисциплински мерки.

Дисциплинска мерка е покрената и против раководителот на одделението во кое работи службеникот кој на влезот од општината ја закачил плакатата.

-Раководството на Општина Кочани се оградува од нивните дејствија, го осудува секое партиско и неетичко дејствување и ќе побара целосна одговорност од лицата што сториле дисциплински престап, меѓу кои се и високи раководни службеници. Жалиме што личности меѓу кои се и такви кои треба да бидат столбот на работењето на Општината, не можат да се ослободат од партиските матрици, изјави градоначалникот Никочо Илијев.

Тој потсети дека ова е уште еден пример за  истакнување и наметнување на нивната политичката определба со што ја уриваат довербата на граѓаните во работата на институциите на јавниот сектор. На такви лица кои   не се во функција на развојот на Општината, не им е местото во тимот на ова општинско раководство.

-Уште еднаш остро го осудуваме ваквото недолично и неетичко однесување, кое сторителите настојуваат да го наметнат како однесување на актуелната власт, за што ќе следуваат соодветни санкции, порача Илијев.

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе