Штип, 22.10.2019
Клуч на вратите од сите македонски текстилни фабрики и најмалку 30.000 работници пред фабричките порти ќе биде првиот чин од најавените протести на сопствениците на ваквите стопански капацитети во државата. На состанокот на Кластерот за текстил одржан во Штип, на кој присуствуваа околу шеесеттина сопственици на фирми од областа на текстилот од вкупно осумдесет членки на кластерот, беше речено дека оваа индустрија не може сама да го поднесе новото најавено зголемување на минималната плата.
-Власта треба да знае дека учеството на платите во вкупните трошоци на производството во оваа трудоинтензивна гранка е многу поголемо од другите индустри. Овој факт како и фактот дека во државата имаме 22 неработни денови, плус годишни одмори и 7,5 часовно работно време се работи со кои не можеме да обезбедеме повисоки плати ниту да исплатуваме минимална плата каква што се заговара, рекоа учесниците во дебатата.
Тие порачаа дека подолго од две децении не е менуван курсот на денарот во однос на еврото. Рекоа дека пред две децении платите во текстилната индустрија биле од 7.000 до 9.000 денари, тие денес се за двапати повисоки а притоа цените на нивните производи од странските-европски газди не биле покачени ниту за цент.
Текстилците се пожалија и на, како што рекоа – преголемите зафаќања во корист на државата, но рекоа и дека не е толку голем проблем минималната плата колку што е проблем ниската продуктивност на трудот. Сопствениците порачаа дека ниту во нивен интерес не е работниците да добиваат ниски плати но за поголеми плати потребно е зголемување на продуктивноста. За такво нешто, според нив, потребни се квалитетни млади работници кои денес не можат да се најдат на пазраот на трудот.
Уште беше речено дека и престојните парламентарни избори многу лошо ќе се одразиле на стопанството, зашто сега сите чинители во државата ќе се свртеле кон предизборните активности. Маријана Перковска од Кластерот за текстил рече дека тие со актуелната влада отвориле квалитетни процеси на преговарања и договорања но новиот политички амбиент во државата нив ги доведува во прашање.
Од денешната дебата во Штип текстилците упатија апел до Владата да го слушне нивниот глас во спротивно прво ќе се одело на еднодневен прекин на работата во сите фирми, а потоа , ако таквата активност не даде резултат, протестот ќе бил проширен на повеќе денови.