ДЕЛЧЕВО: Први награди за ученици и професори од делчевската гимназија на манифестацијата „Ноември месец на науката“
Делчево, 05.12.201985
Осум ученици од СОУ „М.М.Брицо“ од Делчево се закитија со награди на манифестацијата за популаризација на природните науки „Ноември – месец на науката“ во организација на Македонското географско друштво, Македонското биолошко друштво, Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија, Друштвото на физичарите на Република Македонија, Сојузот на математичари на Македонија, Македонското астрономско друштво, Скопското астрономско друштво, Македонското еколошко друштво, Истражувачкото друштво на студенти географи „Природник“, Истражувачкото друштво на студенти биолози и Природно-математичкиот факултет.
Дипломи и награди на најдобрите учесници на натпреварот во експериментите од одредена област добија и нивните ментори.
Прва награда за ученичките Ангела Ефтимовска и Михаела Димитровска од IV година за експериментот Рубенова цевка; втора награда за ученичките Сандра Милошева и Елена Анакиевска од IV година за експериментот Вакумска правосмукалка; трета награда за учениците Антониј Цонев и Марија Мишева од II година за експериментот Електричен воз; менторот на сите наградени ученици, професорот по физика Роберт Цветковски доби прва награда за постигнатиот успех
Од областа на биологија и математика ученичката Верица Ѓеоргиева под менторство на професорката по биологија Марина Конева освои прва награда за својот експеримент од областа на биологијата. Експериментот се состоеше во докажување на влијанието на температурата и pH врз дејство на ензимите и со него успешно се докажа зависноста на pH и T со активноста на ензимите.
Ученичката Евгенија Пандова освои втора награда од областа на математиката за нејзиното истражување за Седум мостови на Кенинсберг — математичка загатка и еден од позначајните историски проблеми во математиката.
Инаку, манифестацијата „Ноември месец на науката“ е наменет за учениците од основните и средните училишта и наставниците по природни науки, биологија, хемија, географија и математика. Оваа година настанот се одржа на Природно-математичкиот факултет во Скопје и тоа на 29 и 30 ноември за ученици од I-IV година.
(Д.Т.)