ПРОБИШТИП: Утре свечено отворање на фабриката на Кранфилд Фаундри

Пробиштип, 10.12.2019

Пробиштип утре добива нов стопански капацитет. Закажано е свечено отворање на фабриката за производство и обработка на одлеаноци од сиво, модуларно железо Кранфил Фаундри. Сопственик на фабриката е Серѓеј Кручинин, кој е приватен инвститор и има македонско државјанство, а главен извршен менаџер е Дариус Ѕиуба. Фабриката ја градеше штипска „Актива“.

Од компанијата наведуваат дека како основна суровина во просесот се употребува висококвалитетно сиво сирово железо. За производство се употребува исклучително само електрична енергија и е најстрого забранета употреба на суровини кои содржат штетни материи. Ова поради потребата на клиентите да може да им се испорача производ кој ги задоволува сите стандарди за квалитет, безбедност и заштита на животната средина.

За таа цел Кранфилд Фаундри инвестираше во сопствена лабораторија за испитување на метал каде ќе се проверува составот на секој материјал набавен како суровина пред негова употреба, но и за контрола на самиот процес на производство за да може да испорача одлеаноци кои ќе го задоволат бараниот квалитет. Секоја суровина која пристигнува во леарницата има соодветен сертификат за квалитет како потврда дека ги задоволува бараните стандарди и норми.

Кранфилд Фаундри успешно спроведе тест производство и произведе нулта серија на производи. Продолжуваме да го шириме портфолиото на производите како што се: канализациска арматура (пр. капаци за шахти); фазонски делови (за пластични и др. цевки); воздушни вентили и хидранти; машински лив и машинска обработка на делови; елементи за железници и гасоводи; делови за земјоделски и градежни машини, и декоративни/украсни елементи.

-Панираме во блиска иднина, да произведуваме и делови за автомобилска индустрија, велат од компанијата.

Кранфилд фаундри си има поставено цел во Пробиштип да го има најсовремениот погон од овој тип во Европа. Од таа причина избрана е компанијата GEMCO Cast Metal Technology од Холандија, светски лидер специјализиран за проектирање и инженеринг на нови капацитети за производство и обработка на производи од железо. Се користат технологија и машини на DISA од Данска, и ABP од Германија, како и филтрациски систем од мултинационалната компанија Donaldson со седиште во САД.

Ливницата ја градеше штипска „Актива“, во неа моментално се вработени 58 лица, идната година тој број ќе биде над 120 лица, а со целосното заокружување на инвестицијата Пробиштип добива 300 нови работни места

За изградба на фабриката која започна во 2014 година вложени се над 17 милиони евра, а до крајот на овој инвестициски проект предвидено е да се вложат дополнителни средства според планираната експанзија на компанијата и нови инвестиции.

Во фабриката сега има 58 вработени од кои 75 проценти се од Пробиштип, идната година бројот на вработените ќе се удвои (120) а со завршување на целиот инвестициски проект бројот на врааботени ќе се заокружи на 300 лица. Во моментот вработени се металурзи, машински инженери, електро инженери, инженери за висока струја, електричари, механичари, метало-стругари, пескиери, калапери, вилушкаристи, кранисти, магационери, оператори на машини и административен кадар.

-На Кранфилд Фаундри врвен приоритет е здравјето, безбедноста и благосостојбата на своите вработени и сите жители на Општина Пробиштип и околината. Подеднакво важен приоритет ни е заштитата на еколошката средина каде што сите ние работиме и живееме, порачуваат од компанијата.

Во леарница нема отпадни води, ниту издувни гасови што е резултат на технологијата која се употребува во модерни и современи леарници како што е нашата. Поради ова, леарниците во светот се најчесто дел од урбаната средина.

Компанијата има добиено решение за издавање на согласност за спроведување на проектот од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање

Кранфилд Фаундри ги презема сите ригорозни мерки за безбедноста по здравјето и животот, како на пример:

  • Сите машини кои Кранфилд Фаундри ќе ги користи се произведени и оптимизирани за најбезбедно ракување и одржување на истите.
  • Секое одделение во леарницата си има своја филтер станица односно систем за отпрашување се со цел да се задржи континуирана чиста средина и онаа мала прашина во воздухот да се отстрани во филтер станицата од каде што повторно може да се врати во процесот.
  • Компанијата обезбедува редовни обуки за секој вработен на Кранфилд Фаундри од страна на светски признати експерти во областа на заштита при работа и континуирано подобрување (таканаречено lean производство).

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе