ПАВЕЛ КРИВИНСКИЈ: Во „Боров Дол“ вложуваме 60 милиони евра, рудникот ќе стартува во месец септември, оваа година
Радовиш, 15.04.2020
- Направивме интервју со Павел Кривинскиј, генерален директор на рудникот за бакар “Боров Дол”, кој зборува за инвестициите, одвивањето на работите во услови на пандемија, за тоа како ќе се транспортира рудата до рудникот „Бучим“, за благодатот кој ќе го имаат општините Конче, Штип и Радовиш…
Г-дин Кривинскиј, беше планирано „Боров Дол“ да стартува кон средината на оваа година. Дали работите се движат во една таква насока?
Кривинскиј:- Изминатата 2019 година, бевме целосно насочени кон остварување на оваа цел и сме целосно фокусирани и работиме во насока за исполнување на планираниот временски период за отпочнување со работа. Во 2019 започнавме со инвестициската раскривка и реализиравме околу 99,3% од годишниот план за раскривка. Изградивме пат до рудникот, започнавме со градежните работи на трасата која ќе ги поврзува Боров Дол и постоечкиот Бучим, објектите за примарно дробење и затвореното складиште за руда на Боров Дол. Сите наши активности продолжуваат и според планот за развојот на рудникот, септември 2020 година е месецот во кој треба да започнеме со работа. Во овој проект вложуваме околу 60 милиони евра.
Дали коронавирусот предизвика застој на работните активности кое и предизвикало пролонгирање на почетокот на работата на Боров Дол?
Кривинскиј: Безбедноста и здравјето на нашите вработени ни е приоритет и ние ги применуваме сите превентивни и заштитни мерки. Во овие тешки услови на епидемија, работењето на рудникот Боров Дол се одвива непрекинато. Стабилно ги спроведуваме своите цели, а изведувањето на работните активности е прилагодено според моменталните воведени мерки, услови и препораки од надлежните институции. Поради непредвидливоста на ситуацијата, ние сеуште не можеме да дадеме сигурна проценка на влијанието на моменталните услови врз нашето работење, но засега немаме отстапувања од предвидениот план.
Во која фаза е изградбата на транспортната трака преку која ќе се транспортира рудата од Боров Дол до Бучим како важен дел од целиот проект?
Кривинскиј: -Клучен дел од проектот Боров Дол e изградба на транспортна трака, која ќе служи за пренос на издробената руда од Боров Дол до веќе постоечките капацитети на Бучим за преработка и складирање на руда. Покриената транспортна трака, долга 7 километри, претставува современо инженерско решение, кое го ограничува ширењето на прашина и го сведува загадувањето на воздухот на минимум. Сите подготвителни работи за изградба на транспортната трака се завршени, односно пробиена е трасата и очекуваме во скоро време отпочнување на градежните работи за поставување на носечката конструкција на транспортната трака, која во септември годинава треба да биде целосно изградена и оперативна.
Инвеститорот на Боров Дол и Бучим е еден, но Боров Дол е посебен стопански субјект. Зошто Боров Дол се издвои од целината на Бучим?
Кривинскиј:- Носител на дозволата за геолошко истражување е правното лице ДПТУ Боров Дол ДООЕЛ Радовиш, а со тоа, самата концесија за експлоатација и дозволата на експлоатација е на правното лице ДПТУ Боров Дол ДООЕЛ Радовиш.
На Денот на рударите, воедно и денот кога Бучим ги одбележа своите два значајни јубилеи, претседателот на Одборот на директори на Солвеј Инвестмент Груп, г-н Бронштејн, изјави дека тие купувале пропаднати рудници, ги доведувале до работно ниво па ги продавале, но рече дека Бучим не е, и нема да биде на продажба. Дали истото се однесува и за Боров Дол, затоа што тие еден без друг не можат?
Кривинскиј:- Нашата матична компанија – Солвеј Инвестмент Груп ги препознава уникатните можности за инвестирање преку кои можат да направат значително и позитивно влијание врз производниот процес и врз регионот во кој работат. Смело ги прифаќа предизвиците, успешно ги менаџира амбициозните проекти и работи на зголемување на нејзините минерални резерви и капацитетот за производство. Отворањето на рудникот Боров Дол е со цел продолжување на работниот век на Бучим. Рудникот Боров Дол ќе овозможи продолжување на ископ на бакарната руда најмалку до 2030 година, оперативност на постоечките објекти во рудникот Бучим, зачувување на работните места на повеќето вработени и можност за нови работни места, наместо затварање на рудникот. Бучим без Боров Дол нема иднина, а ниту пак Боров Дол без Бучим.
Концесискиот простор на Боров Дол, припаѓа 4% на Радовиш, над 40% на Штип и 56% на општина Конче. Споменавте дека ќе се отвараат нови работни места, дали работниците ќе се примаат од општините согласно процентот на територијата која Боров Дол ја зафаќа во секоја од нив?
Кривинскиј: -Општините Конче, Штип и Радовиш, ќе имаат удел во експлоатацијата и преработката на рудата, а со тоа секоја општина може да смета на финансиска добивка врз основа на концесијата. Повеќето од вработените во Бучим ќе бидат префрлени во новиот рудник, но и ќе се создаваат нови работни можности за жителите од соседните општини. Според планот, се очекува бројот на вработени да изнесува околу триста луѓе. Воедно, при избор на идните добавувачи на Боров Дол ќе се земат во предвид фирмите кои работат општините Конче, Штип и Радовиш. Нашата цел е, преку нашето работење, да го поддржиме економскиот развој на општините, како и да им обезбедиме одржлив развој, кој во иднина нема да зависи само од рудникот.
Колку луѓе во моментов работат на подготовката на Боров Дол и од кои профили се тие…. Останувате ли на информациите дека со Боров Дол се продолжува векот на Бучим за најмалку уште 10 години?
Кривинскиј:- Во моментот, во периодот на подготовка на рудникот, работат дваесет извршители од различен профил: администрација и инженери, а исто така инволвирани се и многу домашни и странски изведувачи. Предвидениот животен век на рудникот Боров Дол, моментално е проценет на 10 години, но постојат можности за негово продолжување и понатаму кога ќе бидат истражени нови резерви од рудното тело. Рудникот Боров Дол содржи докажани и проспективни резерви од околу 40 милиони тони руда со 0,26% бакар и 0,20 г/т злато.
На што во моментов сте најмногу посветени?
Кравинскиј: Целосно сме посветени на изградбата на рудникот и сите наши активности се насочени кон скорото отворање на рудникот. На почетокот на месецот, добивме дозвола за изградба на рударскиот комплекс Боров Дол, од страна на Министерството за транспорт и врски на Република Северна Македонија, и веќе започнавме реализација на изградбата на потребните објекти.
Кој е Павел Кривинскиј?
Павел Кривинскиј е роден е 1982 година во Украина. Тој е магистер на науки по индустриско инженерство и градежништво и дипломиран машински инженер.
Дипломирал на Државниот технички универзитет во Кривоград, Украина во 2004 година, а потоа во 2018 година своите постдипломските студии од областа на индустриско инженерство и градежништво, ги завршува на Централниот украински национален технички универзитет во Украина.
Кариерата ја започнува во бирото за нестандардна опрема во фабриката “Краснаја Звезда” во Кировоград, Украина, како инженер-конструктор. Од 2006 година работи во комбинатот “Побужски фероникел”, Украина, во конструкторскиот оддел на работна позиција инженер – конструктор. Од почетокот на 2012 година, зема учество во изградбата на фабрика за производство на фероникел “Феникс” во Централна Америка, Гватемала, каде го формираше и го предводеше конструкторскиот оддел. По завршувањето на изградбата и пуштањето во употреба на првата фаза на фабриката “Феникс”, во втората половина на 2014 година е назначен за заменик главен инженер на комбинатот “Побужски фероникел”, Украина.
Од септември 2019 година, Кривинскиј е назначен за генерален директор на рудникот за бакар ДПТУ “Боров Дол ” ДООЕЛ Радовиш.
Иван Бојаџиски