Делчево, 09.06.2020
Во Делчево интензивно се работи на изградба на првите улици во населбата Басарица. Се градат улици во должина од 1 км, широки 6 м со тротоар од 1,5 м. Увид во работите денеска направи градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски кој изрази задоволство што се решава голем проблем за жителите од оваа населба кои со децении газеа кал и живееја во прашина.
– Во тек е првата фаза од изградбата на улиците, односно улиците се пробиени, се поставуваат рабници и се врши тампонирање по што следува асфалтирањето. Во Басарица се градат 6 улици во должина од 1 км, односно со овој проект се опфатени околу 80% од уличната мрежа во населбата. Со реализација на овој проект во голема мерка го подобруваме квалитетот на живот на граѓаните и оваа приградска населба ќе прерасне во една урбана средина, како што и доликува, рече Трајковски.
Тој додаде дека претходно се изгради атмосферска канализација со што има целосно одводнување на населбата, а се изгради и фекална канализација на потегот Басарица-с. Полето во должина од 2 км.
-Вредноста на проектот, патна инфарструктура и канализација во населабата е околу 25 милиони денари, средства од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој преку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделието и руралниот развој. И сакам да потенцирам дека кога е оваа населба во прашање изградбата на улиците нема да заврши со овој проект. Имено, ги имаме проектирано сите улици во населбата и во следниот период ќе се прават напори за комплетно заокружување на инфраструктурните проблеми во населбата, рече Трајковски.