Тоа што кај нотар беше 650, сега е 1.670 денари Вреќичка пелети која чинеше 180, сега е 195 денари

Штип, 26.01.2017

Од мој агол Иван Бојаџиски
Од мој агол Иван Бојаџиски

Животот на македонскиот граѓанин од ден во ден станува се поскап, се понеизвесен, се потешко се поднесува секојдневието. Многу стоки и услуги преку ноќ стануваат поскапи наспроти секојдневните изјави на луѓе кои раководат со оваа држава дека ќе било спротивно.

Пример прв:

Денес имав работа на нотар да заверам документ чија вредност е „0“ денари. Бев подготвен за нотарската услуга да платам 650 денари, колку што до пред извесно време чинеше таква услуга.

„1.670 денари. Толку ќе треба да платите за услугата“ , љубезно ми рекоа во нотаријатот. Како, зошто, од каде сега толкава пара?“, вознемирено прашувам зашто знам дека цената која ми ја кажаа ќе морам да си ја платам. И додавам дека доскора за таква услуга сум плаќал по 650 денари. –„Не е до нас, и многу други странки се бунат“, се правдаа во нотаријатот, иако немаше потреба тие да се правдат зашто знаев дека не е до нив.

Во сметката која ја добив убаво си стои дека нотарската услуга ме чинела 500 денари, на контото судската такса се додадени 250 денари, а зад сумата од 920 денари стои ставка „материјални трошоци“. Што и да значи тоа јасно е дека тие пари одат во државната каса. Во касата на државата која мисли на граѓанинот и работи за негово добро! Да ти се плукнам во таквото добро.

Пример втор:

Ја послушав Владата и купив печка која работи на пелети. Груевски лично преку ТВ екраните ми влезе дома и ме убедуваше дека пелетите ќе поефтинеле зашто Владата ќе го намалела дедевето за нив, дека со тоа ќе сме имале почист воздух, дека требало да мислиме на животната средина, да сме се откажале од дрвата кои ја загадувале средината во која живееме и се такви некакви дрн, дрн јариња.

Убаво де. И апсолутно романтично, што би се рекло. Но, не излезе баш како што кажаа од Владата. Излезе во сé спротивно на ветувањата. Имено,  се до пред дочекот на Новата 2017 година, вреќичка пелети од 15 килограми чинеше 180 денари. Кога баш пред Новата година отидов да купам пелети, па кога посакав да платам, добив информација дека пелетите поскапнале за речиси 10 проценти. Имено вреќичката која доскора чинеше 180, сега чини 195 денари!

Луѓето од складиштето ми се извинуваа, велеа дека не е до нив, дека е до производителите. Мене како потрошувач на кој највисоката власт му ветила нешто, ич не ме интересира до кого е. Влегов во инвестиција за печка на пелети верувајќи и на Владата. Но, таа одново ме измами.

Риљај Лазо, риљај

Пишувајќи ги овие редови се сетив на една ТВ серија од босанско потекло. Лазо е домакин човек и по цел ден беспоговорно ја слуша жена си. Во еден момент Лазо ја риља нивата пред куќата, жена му пие кафе на терасата, си ужива и одвреме-наврем ќе подвикне: „Риљај Лазо, риљај“. А Лазо, без да ја крене главата работи и одговара: „Риљем жено, риљем“.

Во овие некакви рамки се движи и приказната за македонецот. „Плаќај македонче, плаќај“ му вели неговата Влада, а македончето плаќа ли плаќа, секој ден, се поскапо, и притоа гордо одговара: „Плаќам Владо моја, плаќам“.

Ете, тоа сме ние, а за тоа што живееме вака како што живееме никој не ни е крив.

 

 

 

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе