Кочани, 10.08.2020
На покана од градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев, министерот за земјоделство Трајан Димковски попладнево направи увид во поплавените земјоделски површини и оствари средба со земјоделците од Кочанско кои претпреа најголеми штети од обилните врнежи.
На средбата беше појаснето дека земјоделските производители треба што поскоро да поднесат пријави за проценка на штетите, со што ќе се овозможи полесно да се согледаат последиците од поплавите и да се сумира вкупната штета, особено кај градинарските култури.
– Најголема штета од поплавите претрпе индустриската пиперка која беше пред берба, поради што им укажавме на земјоделците да поднесат пријава до општинската комисија за проценка на штетите. Во истата апликација можат да наведат и евентуална штета во стопанските дворови, односно на складираните земјоделски производи и сточната храна во амбарите и складовите, па дури и на самите објекти. Сето тоа ќе влезе во еден елаборат за да се види целокупната штета, при што укажавме да не се направат одредени грешки, односно сите слабости што ги имаме увидено како претходно искуство да не се повторуваат и работите да течат во правилна насока. Со изработката на таков елаборат, ќе се избегне можноста владината комисија, која е под ингеренции на Министерството за финансии, да ги враќа на дополнување или повторно разгледување доставените пријави од земјоделците. Така целата постапка поефикасно ќе се заврши, а и земјоделците побрзо ќе ја добијат очекуваната помош како обесштетување за претпрената штета, истакна министерот Димковски.
На средбата со жителите од селото Долни Подлог беше нагласено дека најверојатно ќе бидат потребни уште триесетина дена за да се исплатат дополнителните субвенции од три денари за предаден килограм пипер и други индустриски култури, за што владата треба да донесе ребаланс со кој парите ќе им бидат префрлени на земјоделците.
Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев изрази благодарност од експресната реакција на министерот Димковски во градењето заеднички став во поддршката на оштетените земјоделци.