ДЕЛЧЕВО: Изложба на карикатури на проф.д-р Јордан Ѓорчев, интересот над очекувањата

Делчево, 10.05.2024

Стотина, главно млади делчевчани, го проследија денес точно на пладне отворањето на изложбата на карикатури на проф.д-р Јордан Ѓорчев во фоајето на Домот на култура АСНОМ.

Пред присутните за карикатурите на Ѓорчев говореше проф. д-р Кирил Трајчов, а за самата изложба Љупчо Петровски, директор на НУЦК „Никола Јонко Вапцаров“.

Најголем интерес за изложбата пројавија учениците од гимназијата “Методија Митевски Брицо“ и ООУ „Ванчо Прке“, а со своето присуство и обраќање значење на целиот настан му даде и епископот на Делчевско-Каменичката епархија г-дин Марко.

За значењето на хуморот и сатирата во животот на секоја заедница говореше афористичарот Миле Ѓорѓијоски, уметнички директор на фестивалот „Јаков од Камена Река“.

Претходно оваа изложба беше поставена во КИЦ „Романса“ во Македонска Каменица во рамките на меѓународниот фестивал „Јаков од Камена Река“, а по Делчево изложбата се сели во Пехчево.

За значењето на карикатурата говореше авторот Ѓорчев, кој најави дека оваа изложба од седумдесеттина карикатури ќе биде поставена и во другите градови од Источниот регион.

Изложбата во Делчево ќе трае во наредните десеттина дена.

 

 

 

 

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе