Според изјавите на вицепремиерот Изет Меџити, државното казино и обложувалница за организирање на онлајн игри на среќа „Мега вин“ требаше да биде затворена на една од владините седници во септември 2024 година. Но, и пет месеци по ова ветување оваа компанија продолжува да функционира без пречки. Од Владата велат дека се работи за сложен процес кој бара детална анализа, без да прецизираат дали ќе биде затворена, пренесува Порталб.мк.
Првиот вицепремиер, Изет Меџити, во септември изјави дека со одлука на Владата е раскинат договорот за изнајмување меѓу Лотарија и објектот на поранешниот ресторан „Фестина“ во Визбегово. Следеше укинување на концесиите кои незаконски им беа доделени на онлајн казината, а третата одлука се однесуваше на борбата против илегалното организирање на игрите на среќа. Тогаш Меџити најави дека ќе биде затворена на следната седница на Владата, но тоа не се случи.
„Мега вин“ е целосно во државна сопственост, организира онлајн игри на среќа и има поинаква процедура. На следниот состанок во вторник ќе биде затворена и сите онлајн казината ќе бидат надвор од функција во земјата. Во исто време, Владата има донесено одлука со која што е објавена жестока војна на нелегалните онлајн казина“, изјави Изет Меџити.
Арбер Адеми, потпретседател на ДУИ, тогаш изјави дека Владата решила намерно да го држи казиното отворено, создавајќи монопол за оваа државна компанија. Од друга страна, премиерот Христијан Мицкоски најави дека лиценците се доделени незаконски и нагласи дека органите на прогонот ќе го испитаат начинот и причините како се доделувале.
На прашањето од Порталб кои се причините за одложувањето на процесот на затворање и кога можеме да очекуваме конечно да се затвори „Мегавин“, од Владата велат дека е потребна детална анализа, без воопшто и да го спомнат прашањето за затворањето.
„Се работи за еден покомплексен процес за кој е потребна детална анализа, решенијата што ги носи оваа Влада се предмет на аргументирани ставови. Исто така, во моментов се работи на нов Закон за игрите на среќа, кој има за цел да ги надмине сите претходно констатирани недостатоци“, се вели во одговорот на Владата.
Демократското движење предводено од Изет Меџити, кој исто така вети затворање на оваа компанија, до објавувањето на текстот не одговори кога ќе се реализира затворањето на обложувалницата.
Во меѓувреме, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во едно гостување на TВ 24 рече дека со Законот за електронски комуникации се предлага да се забранат нелегалните онлајн игри на среќа или онлајн казината. Тој рече дека во Македонија не постои приватна институција лиценцирана за организирање на онлајн игри на среќа, а граѓаните знаат дека такви ги има многу. Откриени се околу 160 провајдери кои се присутни на македонскиот пазар, но кои немаат дозвола за организирање на онлајн игри на среќа. По владината одлука за забрана на онлајн игрите на среќа, министерот Андоновски на почетокот на октомври рече дека следниот чекор ќе биде откривањето и заворањето на сите веб страници на кои се играат онлајн игри на среќа, а во оваа акција покрај домашните ќе бидат вклучени и странските играчи на пазарот.
Владата во септември одлучи да ја прекине важноста на незаконските лиценци за неколку онлајн казина, „Ново ВЛТ“, „Моцарт“, „77 Битс“, „Везув“ и „2Win.mk“, а „Мега вин“ е единствената активна онлајн компанија за игри на среќа во Македонија.