ЕУ реформи за јавната потрошувачка: Потребни се транспарентност, дигитализација и силна администрација
Подобрување на јавната потрошувачка преку транспарентност, дигитализација и одговорни институции е клучен предуслов за приближување кон Европската Унија – ова беше заклучено на денешната сесија на Националната конвенција за ЕУ во Северна Македонија. На 6. сесија на Работната група 6 – Антикорупција, под покровителство на Европското движење, учесниците дебатираа на тема: „Административни капацитети за унапредување на вредноста на потрошени јавни средства: Што можеме да научиме од искуствата на ЕУ?“.
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, истакна дека отворањето на посебно министерство претставува почеток на реформи за создавање професионална, департизирана и отчетна администрација. Се подготвуваат и нови законски решенија што треба да го намалат политичкото влијание и да овозможат поголема отчетност.
Словачкото искуство беше посочено како добар пример, преку презентацијата на директорот на Одделението за вредност за пари при словачкото Министерство за финансии, Адам Марек, кој објасни дека секоја јавна инвестиција треба да носи реална корист за граѓаните, а не само да биде законски формализирана.
Дебатата опфати и потребата за јакнење на институционалните и човечките капацитети, со особен акцент на мотивацијата на вработените во администрацијата, подобрување на аналитичките капацитети и развој на визија во јавните политики. Експертот Драган Тилев нагласи дека иако постојат 40 европски програми отворени за Северна Македонија, земјата ефективно користи само една – ИПРАД.
Извршниот директор на МЦМС, Александар Кржаловски, посочи на загрижувачкиот податок дека политичките партии во земјата имаат само 26 вработени, што според него е пречка за градење квалитетни политики и капацитети за управување со јавни средства.
Потребата од домаќинско управување со буџетот ја потенцираше и Билјана Ивановска, поранешна претседателка на ДКСК, укажувајќи на парадоксот на превработеност и истовремено недостаток на стручен кадар во администрацијата, како и злоупотребата на привремените вработувања.
На сесијата беа презентирани и нацрт-препораки од страна на Здружението за истражување и анализи „ЗМАИ“, кои вклучуваат воведување индикатори за ефикасност, обуки за администрацијата и користење на податоци во буџетското планирање. Препораките ќе бидат финализирани и доставени до релевантните институции.
На крајот, координаторката на Националната конвенција, Милева Ѓуровска, изјави дека целта е да се воспостави транспарентен и одржлив систем на јавна потрошувачка, што ќе го намали ризикот од корупција и ќе придонесе за посуштинска интеграција во ЕУ.