Европските лидери со поддршка за Украина и Зеленски: Стоиме со вас!

Десетици лидери на европските земји вечерва изразија поддршка за Украина и за претседателот Володимир Зеленски по неговата расправија со претседателот и потпретседателот на САД, Доналд Трамп и Џеј Ди Венс во Белата куќа по што изгледа дека изгледите за договор за мир под покровителство на САД доживеаа колапс.

Реагираа претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок, Полска, Луксембург, Финска, Шпанија, Естонија, Холандија, Шведска, Норвешка, Литванија, Летонија сите заедно ѝ порачаа на Украина дека не е сама и дека заедно со неа ќе работат на праведен и траен мир.

„Вашето достоинство ја покажува храброста на украинскиот народ. Бидете силни, бидете храбри, бидете бестрашни. Никогаш нема да бидете сами, драг претседателе Зеленски. Ќе продолжиме да работиме со вас на праведен и траен мир“, напиша претседателката на Европската комија, Урсула фон дер Лајен.

Поддршка за Украина изрази и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта повторувајќи ја пораката од фон дер Лајен.

Едгарс Ринкевичс, претседателот на Летонија, исто така, регираше на социјалната мрежа X (Твитер), посочувајќи дека Украина е жртва на руската агресија.

„Војната ја води со помош на многу пријатели и партнери. Не треба да штедиме напори за праведен и траен мир. Дипломатијата понекогаш е уметност на невозможното во тешки околности. Летонија стои со Украина“, напиша Ринкевичс.

Министерката за надворешни работи на Финска, Елина Валтонен, исто така регираше преку твит, велејќи дека „Финска стои со народот и правото на народот да избира. Во Украина народот одбра слобода. Ние стоиме со Украина“.

Премиерот на Полска Доналд Туска напиша: Драг Владимир Зеленски, драги украински пријатели, вие не сте сами.

Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедноста политика Каја Калас напиша дека Украина е Европа!

„Ние стоиме со Украина. Ќе ја зголемиме нашата поддршка за Украина за да можат да продолжат да се справуваат со агресорот. Денеска стана јасно дека на слободниот свет му треба нов лидер. Сега е наш ред, Европејци, да го прифатиме предизвикот“, напиша Калас.

Министерот за надворешни работи на Естонија, Маргуис Тсакна, посочи дека зборувал со неговиот украински колега Анриј Сибиха и го уверил дека „Естонија ќе ја поддржува Украина без разлика на сè. Украина не е сама“.

Реагираше и премиерот на Луксембург, Лук Фриден, кој напиша: „Луксембург стои со Украина. Вие се борите за вашата слобода и меѓународен поредок базиран на правила“.

Министерот за надворешни работи на Кралството Холандија, Каспер Велдкамп, исто така рече дека зборувал со неговиот украински колега и ја повторил неговата целосна поддршка за Украина: за што и да е потребно и колку долго и да е потребно.

Премиерот на Чешка, Петр Фиала напиша: Стоиме со Украина и на страната на слободниот свет!

Истото го стори и премиерт на Норвешка, Јонас Гар Стор: Стоиме со Украина во нивната фер борба за праведен и траен мир.

Премиерот на Шведска, Улф Кристенсон напиша: Шведска стои со Украина. Вие не се борите само за својата слобода, туку и за слободата на цела Европа. Слава Украини!

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок исто така изрази силна поддршка за Украина:

„Украина не е сама. Германија заедно со нашите европски сојузници стои обединета покрај Украина – и против руската агресија. Украина може да се потпре на непоколебливата поддршка од Германија, Европа и пошироко. Нивната одбрана на демократијата и нивната потрага по мир и безбедност е и наша“, напиша Бербок.

Реагираа и германскиот канцелар во заминување, Олаф Шолц, но и новиот канцелар кој што минатата недела победи на изборите во Германија, Фридрих Мерц.

„Драг Володимир Зеленски, ние стоиме со Украина во добри и во времиња кои се предизвик. Мораме да правиме разлика меѓу агресорот и жртвата во оваа ужасна војна“, напиша Мерц.

Канцеларот во заминување, Олаф Шолц, напиша: „Никој не сака мир повеќе од Украинците. Затоа, работиме на заеднички пат кон траен и праведен мир. Украина може да се потпре на Германија – и на Европа“.

Претседателот на Франција, Емануел Макрон, исто така испрати јасна порака: „Постои агресор: Русија, постојат луѓе кои се нападнати: Украина. Сите бевме во право кога ѝ помогнавме на Украина и кога ѝ воведовме санкции на Русија пред три години и продолжуваме да го правиме тоа. Ние и Американците, Европејците, Канаѓаните, Јапонците и многу други. Ви благодарам на сите кој помогнавте и продолжувате да помагате. И почит за оние кои се борат уште од почетокот. Бидејќи тие се борат за нивното достоинство, нивната независност, за нивните деца и безбедноста на Европа.

Поддршка за Украина изрази и премиерот на Канада, Џастин Трудо: „Русија нелегално и неоправдано ја нападна Украина. Веќе три години, Украинците се борат со храброст и отпорност. Нивната борба за демократија, слобода и суверенитет е борба која што е важна за сите нас. Канада ќе продолжи да ја поддржува Украина и Украинците да постигнат праведен и траен мир“.

Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ напиша: „Хрватска знае од сопственото искуство дека само праведен мир може да биде и траен мир. Хрватската влада цврсто стои до своите верувања дека на Украина ѝ треба таков мир – мир кој значи суверенитет, територијален интегритет, и безбедна Европа“.

Претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар изрази недвосмислена поддршка за Украина: „Словенија ги почитува принципите и почитта за меѓународното право и меѓународните односи. Она што го посведочивме во Овалната соба денеска ги подрива овие вредности и основите на нашата дипломатија. Стоиме цврсто во поддршка на суверенитетот на Украина. Повторуваме, Русија е агресорот. Наш императив е да ги чуваме и гаиме демократските идеали, обезбедувајќи дека тие се рефлектираат во нашите дела и односите на глобалната сцена. Време е Европа да го преземе водството на патот кон мирот во Украина. Со почитување на меѓународното право, Повелбите на ОН, правичноста и пред сè … пристојноста“.

Претседателката на Молдавија, Маја Санду: „Вистината е едноставна. Русија ја нападна Украина. Русија е агресорот. Украина ја брани својата слобода – и нашата. Ние стоиме со Украина“.

Претсдателот на Литванија, Гитанас Науседа: „Украина, никогаш нема да ве оставиме сами“.

Премиерот на Шпанија, Педро Санчез напиша „Украина, Шпанија стои со вас“ на шпански, англиски и украински јазик.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе