Ивона Велковска – Македонката во Њујорк на која ѝ се исполни американскиот сон: „Лично ги запознав Иванка Трамп, Роберт де Ниро, Кети Пери“
Веќе две години Ивона Велковска живее во Њујорк.
Нејзината американска приказна таму почнува во 2017-та година кога за прв пат ја посетила Америка како дел од програмата за студенти Work & Travel. Ивона, вели дека Њујорк е град кој треба да се доживее, а не може да се прераскаже.
„Иако посетив многу места во Америка сепак Њујорк е градот што уште тогаш ми остави силен впечаток и желба да живеам овде. Во Њујорк живеам од април 2023 година. Големиот број на култури, националности, склоп на архитектура, мода, музика, ресторани, музеи и барови го прави самиот град толку посебен и своја приказна за себе. Њујорк е град кој треба да се доживее, а не може да се прераскаже“, ни раскажува оваа млада девојка на почетокот од интервјуто.
Секој почеток е тежок, а дека не било воопшто лесно, потврдува и самата Ивона.
Ивона во Њујорк работи како Reservationist за Blue Box Cafe кој важи за еден од најпознатите ресторани во Њујорк на познатиот Michelin Star chef Daniel Boulud кој се наоѓа на 5та Авенија во склоп на Tiffany & Co. Landmark зградата.
„Иако работам во корпоративниот дел секојдневно сум во контакт со голем број на хотели и компании, а дури имав и можност во живо да запознаам некои од познатите личности од Холивуд како Роберт Де Ниро, Рис Витерспун, Ума Турман, Кети Пери, Иванка Трамп, Мајкл Корс“, ни открива таа.
Секојдневно нејзиното време таму, вели е доста организирано и испланирано.
„Мојот ден овде започнува доста рано иако со работа почнувам од 10 часот. Најпрвин рано наутро доручкувам обично некое овошје и пијам кафе додека се спремам за на работа. Секогаш гледам вечерта претходно да подготвам храна за другиот ден и да имам доволно време да пристигнам на работа. Њујорк е град со 8 милиони жители од кои најголемиот број користиме градски превоз т.е метро . Работниот ден ми е доста исполнет со репорти и состаноци со колегите од Tiffany &Co. Мојот работен ден завршува во 18 часот па потоа одиме во некој бар со колегите на пијачка или вечера. За време на моите слободни денови најчесто гледам да одмарам и да завршам домашни обврски како набавки за храна, готвење, чистење и одржување на станот и перење бидејќи немаме машини во самите станови, па облеката се носи на перење во перални во самата зграда или на одредени локации за тоа. По завршување на моите домашни обврски со моето момче одиме во кино или порачуваме достава на храна и гледаме филм дома“ – дополнува нашата соговорничка.

Ивона, секое слободно време, вели дека го користи максимално за социјален живот и дружба, бидејќи тоа ја исполнува со позитивна енергија.

„Во принцип гледам често да излегувам и да го задржам мојот македонски менталитет (се смее). Искрено гледам секое слободно време без разлика дали тоа е после работа или за време на моите слободни денови, да го искористам за социјален живот и дружба бидејќи тоа ме исполнува со позитивна енергија.
Bo Њујорк има околу 25 000 ресторани, кафичи и клубови што го прави изборот за омилено место по малку тежок. Обично, за кафе одам во Rythm Zero, Do Not Feed Aligators, Ralph Coffee, за ручек би ги издвоила Monkey’s Bar, Buddakan, La Mercerie, а за вечерно излегување Dante и Tao“, ни раскажува Ивона.

-Њујорк е особено скап за живот, но и се заработува добро, би рекла дека околу 4-5 илјади американски долари месечно се потребни за еден човек да има пристоен живот. Повеќето од луѓето рентаат станови или соби во кои живеат сами или со цимери, а притоа становите или собите се навистина мали. Јас ја имам таа среќа па живеам во простран стан кој го рентаме со моето момче и ги делиме сите трошоци за живот заедно што е олеснителна околност, вели Велковска.

Ивона досега посетила повеќе држави низ Америка како Флорида, Калифорнија, Пенсилванија, Њу Џерси, Илиноис, Невада, Масачусетс.
-Секој стејт овде си има своја убавина и посебност, но јас би ги издвоила Флорида и Калифорнија поради палмите, храната, преубавите плажи и климата-вели Ивана, која дефинитивно ако би имала можност да избира, би ја избрала Калифорнија, конкретно Сан Франциско. Градот изобилува со неверојатна архитектура, преубавата природа, култура, пријатна клима- искрена е Ивона.
Ивона, дома во родната Македонија не била две години, но во план е да си дојде ова лето. Вели дека најмногу ѝ недостасува мајка ѝ и излегувањата и кафето со другарките во Скопје.
Ирена Ставрова
Целото интервју прочитајте го на: Женски магзин.