Изречена е казна затвор од една година за ширење расистички и ксенофобичен материјал кон ЛГБТИ заедницата како припадници на маргинализирана група
Постапувајќи по поднесен Обвинителен предлог од Основното јавно обвинителство Скопје, Основниот кривичен суд Скопје донесе пресуда со која осуди едно лице за кривично дело – Ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од член 394-г став 1 од Кривичниот законик.
Пресудата е изречена на единствено рочиште врз основа на признание на вина од страна на обвинетиот, кој прифати дека делото кое му се става на товар го сторил во време, место и на начин како што беше опишано во поднесеното обвинение.
Врз основа на тоа, Судот ја утврдил како неспорна фактичката состојба дека сега осудениот на 26.02.2022 година, преку социјалните мрежи во јавноста ширел репрезентации на идеи кои поттикнуваат омраза против маргинализирана група.
Од својот профил на социјална мрежа, 30-годишниот скопјанец коментирал на објави на информативени портали, кои се однесувале на организација на т.н. „Парада на гордоста во Скопје“. Во коментарите повикувал на насилство и поттикнувал омраза кон припадници на ЛГБТИ заедницата како припадници на маргинализирана група врз основа на сексуална ориентација.
За стореното, Судот го огласи за виновен и му изрече казна затвор во траење од 1 година, која нема да се изврши доколку за време од една година од правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело.
Основното јавно обвинителство Скопје, имајќи ги предвид европските стандарди за заштита од омраза и дискриминација, активно го следи постапувањето во овие предмети за што е назначен посебен јавен обвинител.