Куманово, 24.11.2018
Чедо Крстевски е новиот претседател на Општинската организација на Партијата на пензионери во Куманово. Крстевски беше едногласно избран за претседаел од 57 делегати кои присуствуваа на Изборното собрание. За потпретседатели се избрани Штефица Ујчич и Душко Наковски, а за секретар Марјан Петровски. На изборното собрание присуствуваа и гости од Штип, Свети Николе, Крива Паланка, Кратово и Скопје, а пред присутните се обрати и Илија Николовски, претседател на Партијата на пензионери.
„За кусо време од формирањето станавме парламентарна партија зашто нашиот претседател Илија Николовски стана пратеник, а во Советот на Општина, на локалните избори во коалиција со СДСМ нашиот член Миле Андоновски стана советник. И во нашата општина и во целата држава како партија станавме видливи, нашиот глас, нашите ставови се слушаат и почитуваат. Присутни сме како партија на сите важни случувања во Куманово, на сите прослави и одбележувања на значајни датуми. Наша идна задача е да работиме на зголемување на членството, да ни се враатат оние кои од разни причини се пасивизирале, зашто како Партија во кои се одговрни луѓе имаме уште многу нешта од значење за нашето Куманово и за нашата држава да сработиме“, рече Крстевски заблагодарувајќи им се на делегатите за довербата.
Говорејќи пред присутните, претседателот на Партијата на пензионери и пратеник Илија Николовски потсети дека изминале пет години од основањето на Партијата, а фактот што две години ПП е парламентарна партија и што во пет општини има советници го оцени како значаен успех.
“Во овој период од нашето учество во законодавната и во локалната власт успеавме да реализираме и некои од нашите програмски цели. Тука е пред се повторното враќање во примена на членот 37 од Законот за ПИОМ , односно усогласувањето на пензиите двапати во годината со порастотот на трошоците на живот и порастот на платите. Активно учествуваме во донесувањето Закон за над 3.000 стечајци што беше предвидено во нашата предизборна програма. Многу бргу ќе биде донесен и Закон за државна социјална пензија. Досега ги остваривме ветувањата и целите како: укинување на радиодифузната такса, враќање на ефтината тарифа на струјата, зголемување на минималната плата на 12.000 денари, воведена е мерката бесплатна градинка за самохрани родители, зголемени се субвенциите за земјоделците, а преку мерката „маалски полицаец“ зголемена е и безбедноста на граѓаните“, рече Николовски.
Првиот човек на Партијата на пензионери ги елаборираше и задачите кои стојат пред Партијата.
„Нема да дозволиме дестабилизација на пензискиот систем. Во однос на ова прашање, во иднина, без оглед на тоа кој ќе биде на власт во државата, ние како партија одлучно ќе се бориме против зголемување на старосната граница за одење во пензија, ќе се бориме повторно да се врати законската можност за одење во пензија по личен избор со исполнување на работен стаж од 35 години за жени и 40 години за мажи. Ќе бараме законски да се регулира можноста за докуп на работен стаж за три години со цел да се создадат услови право на пензија да остварат граѓани кои имаат остварено работен стаж и платени придонеси во ПИОМ за најмалку 12 години. Исто така ќе се залагаме семејните пензии да се наследуваат во 100 процентен износ, а не како што е сега во износ од 70 проценти“, рече Николовски.
Тој им се заблагодари на сите кои на референдумот гласа „ЗА“ но и на оние кои гласале против бидејќи и со тоа презеле одговорност. –„Европска Македонија доби повеќе гласови, над 90 проценти од 666.000 граѓани гласаа позитивно се изјаснија за договорот со Грција и со тоа порачаа дека Република Македонија е за влез во НАТО и во ЕУ“, рече Илија Николовски..