Кочани, 19.07.2023
Полевање на дрворедите низ Кочани, вода за луѓето од селата во кои водата секнала, делење вода и брошури на возачи и граѓани заради нивно едуцирање, за опасностите од пожари со цел нивно избегнување и за внимателно и претпазливо однесување со оган. На оваа важна цел во овие пеколно топли летни денови се посветени членовите на Доброволното противпожарно друштво во Кочани.
„Уаптуваме благодарност и ги поздравуваме активностите на Доброволното противпожарно друштво, коишто се насочени кон превенирање на последиците од високите температури и топлотниот бран“. Со оваа порака Општина Кочани им се заблагодари на противпожарните доброволци од овој град.
Тие викендов организираа полевање на дрворедите и на младите садници во парковите во Кочани. За жителите на селото Пантелеј што останаа без вода за пиење, обезбедија две цистерни вода. Со цел да едуцираат, доброволците дистрибуираа летоци и брошури за намалување на опасностите од пожари и внимателно и претпазливо однесување со оган.
-Ваквите активности наидуваат на поддршка од граѓаните, што влијае позитивно на мотивацијата во ДПД, помага за регрутирање нови членови и ја јакне соработката со заедницата, изјавија од локалната самоуправа.
ДПД коешто е формирано по летната огнена стихија во Кочани во 2021 година, брзо обезбеди опрема, материјални и човечки ресурси и останува неуморно во промоцијата на безбедноста и хуманите вредности кон граѓаните на Кочани и на соседните општини.