Најмалку 40 луѓе се убиени при израелски воздушен напад врз Газа пред стапувањето во сила на договорот за прекин на огнот
Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес соопшти дека неговиот кабинет нема да се состане за да го одобри договорот за прекин на огнот во Појасот Газа и ослободувањето на десетици заложници поради „криза во последен момент“ со Хамас, пишува Асошиејтед прес. Во меѓувреме при израелски воздушни напади загинаа десетици луѓе низ територијата на Газа.
Од кабинетот на Нетанјаху обвинуваат дека Хамас се повлекува од делови од договорот додека Изат ал Рашк, висок функционер на Хамас, рече дека милитантната група „е посветена на договорот за прекин на огнот што го објавија посредниците“.
Договорот, чија цел е ослободување на голем број заложници држени во Газа и прекинување на 15-месечната војна што го дестабилизира Блискиот Исток и предизвика протести ширум светот беше претставен вчера.
При израелските напади низ Појасот Газа во меѓувреме загинаа најмалку 48 лица во текот на изминатиот ден, вели Министерството за здравство на територијата.
Околу половина од загинатите се жени и деца, изјавува за Асошиетед прес Захер ал-Вахеди, шеф на одделот за регистрација на министерството. Тој рече дека бројката може да се зголеми бидејќи болниците ги ажурираат своите записи.
Меѓународниот суд на правдата ги истражува наводите поднесени од Јужна Африка дека Израел извршил геноцид, а Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на Нетанјаху, неговиот поранешен министер за одбрана и командант на Хамас за воени злосторства и злосторства против човештвото поврзани со војната.
Израел и САД ги осудија дејствијата преземени од двата суда.