Неуспешен пробен лет на „СпејсЕкс“ на Илон Маск, леталото се распадна

„СпејсEкс“ ја лансираше својата ракета „Старшип“ на најновиот пробен лет вчера, но вселенското летало се распадна набргу откако се одвои од ракетниот засилувач „Супер Хеви“.

Компанијата на милијардерот Илон Маск соопшти дека шесте мотори на вселенското летало се чини дека се исклучуваат еден по еден, при што контактот бил изгубен само 8 минути и 30 секунди во текот на летот, пренесе Гардијан.

Леталото требаше да лета преку Мексиканскиот Залив од Тексас на речиси кружна орбита околу светот, слично на претходните тест летови. Ова беше прв лет на оваа нова и подобрена верзија летало.

Неуспехот на „СпејсЕкс“ предизвика големи прекини во воздушниот сообраќај. На меѓународниот аеродром во Мајами, неколку летови биле приземјени, велат извори за Ројтерс. Десетици комерцијални летови биле пренасочени кон други аеродроми или ја измениле својата траекторија за да избегнат судир со можни остатоци од леталото.

Пред леталото да се распадне, „СпејсЕкс“ ги искористи џиновските механички раце на лансирната кула за да го фати „бустерот“ кој се враќаше. Спуштајќи се, бустерот се задржа над платформата пред да биде зграпчен од две раце наречени „чопстикс“.

Возбудата од успешното фаќање брзо се претвори во разочарување – и за компанијата и за насобраната публика на јужниот дел од Тексас.

Илон Маск објави видео на Х кое го прикажува полето со остатоци од леталото и напиша „Успехот е неизвесен, но забавата е загарантирана“.

Тој изјави дека првичните индикации се оти имало истекување на кислород, односно гориво во просторот над заштитниот ѕид на моторот на леталото, доволно големо за да создаде притисок кој го надминал капацитетот на вентилите за испуштање. Додаде дека нема ништо што би го одложило следното лансирање.

Идејата на Маск е да лансира вистински „Старлинк“ сателити на леталото „Старшип“ пред да премине на други сателити, и, на крајот, на екипаж.

Ова беше седми тест лет за најголемата и најмоќна вселенска ракета во светот. НАСА резервираше две ракети „Старшип“ за да спушти астронаути на Месечината во текот на оваа деценија, додека целта на Маск е Марс.

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе