Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) денеска остро реагираше на нефункционалноста на Министерството за социјална политика, демографија и млади, обвинувајќи го за непочитување на законските обврски и целосно игнорирање на младите.
Според НМСМ, една година по формирањето, Министерството сè уште не ги презело надлежностите од Агенцијата за млади и спорт, не е кадровски и програмски комплетирано, нема усвоено подзаконски акти, а постои и правна нејаснотија во имплементацијата на Законот за младинско учество и младински политики.
Дополнително, Советот изразува загриженост за речиси двојно зголемениот буџет на Министерството за 2025 година, кој изнесува 98,3 отсто повеќе од претходно, без јавен план или програма за реализација на средства наменети за млади.
НМСМ укажува и на недостиг од транспарентност и инклузивност, особено во изборите на младински претставници во национални и меѓународни тела. Според нив, овие процеси се нетранспарентни, селективни и исклучуваат активна партиципација на младинскиот сектор.
Мониторингот на примената на Законот за младинско учество покажува пад на бројот на активни младински совети, стратегии, службеници и центри за млади, а Министерството сѐ уште нема воспоставено механизми за надзор над законот, што директно ја поткопува неговата ефективност.
Советот бара итно преземање на законските надлежности, усвојување на подзаконски акти, воспоставување на Национално собрание на млади и Советодавно тело, прекин на селективни номинации, зајакнување на капацитетите на Секторот за млади и креирање јасен, транспарентен план за трошење на буџетот.
„Младите заслужуваат политики засновани на факти, инклузивност и одговорност, а не декларативни ветувања и административни процедури без резултати“, се наведува во реакцијата. НМСМ нагласува дека останува отворен за соработка и дијалог, но нема да молчи пред институционалната пасивност и маргинализација на младите.