Новинарите од регионалниот актив „Исток“ на Иле Николов, создателот на Актива дооел, му го доделија признанието за животно дело во стопанството
- Доделени се вкупно 17 признанија, менаџер на годината е Сашко Наков, директор на Амфенол Технолоџи Македонија-Кочани
Членовите на регионалниот актив на новинари „Исток“ вечерва, на состанок во Виница, по десетти пат ги доделија признанијата за најдоброто од истокот во повеќе категории и области од општественото живеење.

Добитници се:
Животно дело: Признанието за животно дело во стопанството едногласно му е доделено на Иле Николов, создателот на Актива ДООЕЛ – Штип, компанија со 550 вработени која се бави со металопреработувачка индустрија и градежништво.
Менаџер на годината: Сашко Наков, генерален менаџер на Амфенол Технолоџи Македонија-Кочани, која е американска инвестиција и вработува близу 3.200 лица.
Екологија: Општина Берово која е државен лидер меѓу општините во одложувањето отпад во која секое второ семејство го одложува отпадот преку вендинг машините на Пакомак.
Стопанство; фирмата ЕАМ-Штип за нејзината успешна работа во 2024 година и бројните донаторства;
Општествена одговорност. Ова признание му е доделе но на Доброволното противпожарно друштво – Пехчево:
Здравство: Признанието за најдоброто во здравството новинарите го доделија на ПЗУ Ѓоко Медика – Пробиштип;
Уметност: Добитничка на ова опризнание е штипјанката Јована Гуњова која во Словенија ја доби Прешерновата награда за уметност (модна индустрија).
Женско претприемаштво: ова признание новинарите едногласно одлучија да и го доделат на Михаела Ѓорчева од Свети Николе:
Образование: Универзитет „Гоце Делчев“-Штип за развојот на високото образование во меѓународни рамки-учество во Европската универзитетска алијанса;
Хуманост: Здружение Умиление – Виница за бројните хуманитарни активности;
Планинарски подвиг: признанието оди во рацете на 74 годишната Мира Симоновска од Делчево за нејзиниот подвиг во освојувањето на врвот Ухуру на Килиманџаро во 2024 година и на уште десеттина планински врвови со големи височини;
Култура: Ефтим Трајчов – Ѓаурски, актер во Штипскиот театар за најголема присутност во претставите на овој театар во 2023 година, за кое има добиено признание од матичната куќа НУЦК „Ацо Шопов“, за учество на 5 фестивали во 2024 година и две главни улоги минатата година и за тоа што во последните 10 години е најзастапен актер во ШНТ со 24 театарски премиери, со над 300 изведби на даските кои живот значат и 4 индивидуални награди;
Маркетинг: Лилјана Варадиновска – Штип која маркетингот го подигна на едно повисоко ниво;
Граѓански активизам: невладината организација „Надеж-Норе“-Македонска Каменица;
Спорт: доделени се три признанија: на ОК Студент, Штип, Жикица Ивановски, ултрамаратонец од Штип и на 17 годишниот Лука Змејковски, европски првак во теквондо од Виница.
Признанијата на добитниците ќе им бидат доделени на свеченоста „Ноќ на источните оскари“ која годинава ќе се одржи во месец април во хотелот Мајбери – Свети Николе.