ШТИП: Кај „Света Недела“ ќе „никне“ населба од 41 куќа за ромски семејства

Штип, 17.08.2024

Штип ќе биде општина-пионер во Македонија во изградбата на компактна населба за ромската заедница која со 2.301 жител е втора по бројност во општината.

Во месноста „Света Недела“ ќе се градат 41 куќа за ромски семејства кои претходно живееја кај старото одделение за нервни болести во населбата Сењак.

Старото нервно одделение во кое живеат неколку ромски семејства

-Вкупниот буџет изнесува 895.400 евра. Донатор е Европската Унија преку ИПА 2 програмата за ромите и луѓето кои живеат во длабока сиромаштија.  Учеството на донаторот е со грант од 799.986 евра, а Општина Штип во овој проект од својот буџет ќе издвои 70.535 евра. Проектот е во имплементација на општините Штип и Берово и на здружението за еколошки одржлив развој „Зелен институт“ од Скопје, вели Ерол Адемов, виш референт за односи со заедниците во Општина Штип.

Во Берово веќе се реконструирани 14 од 15 ромски куќи предвидени со проектот, а во Штип ќе се градат 41 станбена единица со квадратура од 10 до 51 квадратен метар.

Општина Штип го објави јавниот тендер за изведувач на работите во оваа населба па сега е во тек фазата на изборот на изведувач по што ќе следи потпишување на договорот и почеток на изградбата. Целата работа е поделена во две етапи, првата е уредување на инфраструктурата во „Света Недела“, а втората бетонирање и поставување на куќите. Сакам да укажам на фактот дека ова е прва компактна населба за ромска заедница во нашата држава по што Штип ќе биде пионер во оваа важна област која на за квалитетно решавање на потребите од домување на ромската заедница, порачува Ерол Адемов.

 

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе