Штип ќе аплицира за Европски град на спортот
Штип, 27.09.2023
Советот на општина Штип на вчерашната маратонска седница на која на дневен ред беа дури 50 точки од значење за градот и општината, го усвои барањето за одобрување на 2.350 евра финансиски средства за поднесување апликација во асоцијацијата ACES Europe за прогласување на градот за Европски град на спортот.
Локалната општинска власт на Штип во месец Мај изрази намера да конкурира за Европски град на спортот за 2024 година во асоцијацијата АCES Europe која има седиште во Брисел. ACES Europe е непрофитна асоцијација која секоја година доделува признанија за светска престолнина, европска престолнина, регион, град, остров, заедница и град на спортот.
Придобивките од прогласување на Европски град на спортот се многубројни, тие придонесуваат и за квалитетен развој на спортот и на туризмот, а дали Штип ќе го добие тоа признание ќе се знае на 4 – 5 Декември кога во Европскиот парламент во Брисел ќе бидат објавени победниците
Доделувањето на овие признанија ACES Europe го прави според принципите на одговорност и етика, бидејќи спортот е фактор на агрегација на општеството, подобрување на квалитетот на животот, психофизичка благосостојба и целосна интеграција на општествените класи во заедницата. ACES Europe доделува признанија за Европски град на спортот, иницијатива која има добиено признание од страна на Европската комисија и е официјален партнер на Европската комисија во Европската недела на спортот. Исто така, ACES Europe е има официјално партнерство со УНЕСКО и oрганизацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации.
Како за пример колку е престижно ова признание говори фактот дека градот Торино кој во 2015 година беше прогласен за главен град на спортот во Европа организираше повеќе од 1000 евенти и спортски манифестации. Штип како град се одлучи да поднесе кандидатура за европски град на спортот поаѓајќи од богатата спортска историја и спортски успеси на штипските клубови и спортисти. Доколку градот успее во намерата и Штип успешно ја помине евалуацијата која е предвидена да биде од 13-15 Ноември оваа година, бенефитите ќе бидат огромни,а ова се само дел од придобивките :
– Интернационално признание како ова ќе овозможи подобра позиција на градот за организирање спортски манифестации од интернационален карактер.
– Градот ќе биде промовиран како град на спортот што би придонело за поголем развој на туризмот. – Mожност за размена на најдобри практики и искуства со други градови и учество на неколку конгреси со мрежа од повеќе од 3.000 градови ширум светот со што би се подобриле локалните политики за спорт. – Подобра позиција за добивање на Европски грантови за реализација на проекти од полето на спортот.
– Самата асоцијација ги инволвира градовите во проекти и повици. Прогласувањето на победниците ќе биде на 4 и 5 Декември во Европскиот парламент во Брисел.