Четиринаесет мигранти се пронајдени мртви откако брод со околу 100 луѓе беше спасен во близина на шпанските Канарски Острови, објави во петокот шпанската новинска агенција ЕФЕ, во момент кога напливот на пристигнувања ги преоптоварува властите во регионот. Овие смртни случаи ги истакнуваат опасностите на една од најсмртоносните миграциски рути во светот, само неколку дена пред општите избори во Шпанија што ќе се одржат во недела, на кои прашањето за имиграцијата стана едно од клучните теми во предизборната кампања.
Од ЕФЕ наведоа дека на брегот се извлечени 14 тела. Службата за поморско спасување претходно соопшти дека на бродот се пронајдени меѓу 8 и 10 тела, а шест лица, кои биле во тешка здравствена состојба, биле префрлени во болница со хеликоптер. Бродот, кој бил лоциран на 72 километри јужно од островот Ел Јеро, бил влечен кон пристаништето Ла Естака.
Осумдесет и четири преживеани пристигнаа со друг брод во пристаништето Ла Рестинга на истиот остров, каде што се наоѓа центар за прием на мигранти и теренска болница, каде што се врши обработка на повеќето мигранти кои пристигнуваат на островот.
Бројот на мигранти што пристигнуваат на Канарските Острови е во пораст од октомври, а на 25 ноември достигна рекордна бројка од 2.100 луѓе во еден ден. Повеќето од нив пристигнаа на островот Ел Јеро, кој има 11.400 жители.
„Голема болка и чувство на немоќ поради оваа нова трагедија“, напиша регионалниот лидер Фернандо Клавихо на платформата „Икс“, повикувајќи ја шпанската влада и Европската комисија на конкретна акција.
„Хуманитарната криза не започнува на Ел Јеро, туку на бреговите на Сенегал и Гамбија таму мора да дејствуваме“, напиша тој.
Премиерот Педро Санчез е еден од најгласните застапници во Европа за придобивките од имиграцијата за економијата, додека десницата, која води според анкетите на јавното мислење, бара многу построги контроли.
Илјадници мигранти секоја година се обидуваат да го преминат Атлантикот во преполни бродови, настојувајќи да стигнат до шпанска територија, и покрај немирното море и силните морски струи. Бројот на пристигнувања обично се зголемува наесен, кога условите на море се, генерално, поповолни.
