Штип, 20.03.2025
Во апсолутна тишина, со голема тага и солзи во очите, Штипјани денес се простија од Дамјан Таневски, Филип Ивановски, Филип Стевановски, Александар Коларов и Александар Ефремов, млади луѓе кои загинаа во стравотниот пожар во кочанската дискотека Пулс.
Колоните ужалени луѓе беа долги пред соборниот храм „Свети Никола“, црквата „Успение на пресвета Богородица“ и црквата „Света Троица“ во кои беа изложени телата на загинатитите. Штипјани положуваа свежо цвеке и палеа свеќи во нивна чест.
Двајца од починатите во пожарот- Филип Стевановски и Александар Коларов беа баџанаци, а и двајцата свиреа во бендот ДНК, Дамјан Таневски кој имаше само 18 години штипјани го познаваа како талентиран фудбалски голман, Александар Ефремов беше присутен на сите настапи на бендот како нивен официјален снимател, а Филип Ивановски излегол жив и здрав од дискотеката но се вратил да спасува некоја девојка но при тој обид паднал и починал.
Загинатите денес беа погребани на Градските гробишта во Штип со почести од високи свештени лица на МПЦ-ОА, редот од градот до Градските гробишта го чуваа голема група полицијаци, а тука, за секој случај беа и луѓе од итната медицинска помош при Здравниот дом и волонтери на Црвениот крст на Штип.