Штип, 11.07.2023
Сагата околу новата штипска Клиничка болница која се гради и „гради“ веќе осум години, никако да се заврши. Најновата вест е дека Владата на Македонија овие денови го раскина договорот со грчката фирма Интракта, компанија основана 1987 година која, во изминатиот период била вклучена во и градежни проекти, вклучувајќи нискоградба, инфраструктура, телеком мрежа, обновливи извори на енергија, проекти за развој на животната средина и недвижности и во јавниот и во приватниот сектор.
-Договорот со Интракта е раскинат на 29 јуни, годинава. Неопходно е да се направи пресек на активностите, по што ќе се распише тендер за нов изведувач, согласно заклучок од Влада, информира од Министерството за здравство.
Од ова министерство изјавија дека во рок од 42 дена треба да се достави „Проект на изведена состојба“, да се подготви нова тендерска документација и во рок од 30 дена да се објави нова јавна набавка.
Поднесени биле барања за активирање банкарски гаранции, во износ од шест милиони евра и тие се реализирани.
Владата го раскина договорот со грчката фирма Интракта, наскоро ќе биде распишан тендер за нов изведувач, од работите на болницата досега се реализирани само 30 проценти, па останува да се види уште колку време ќе се „влече“ изградбата на еден толку значаен регионален проект…
Инаку, ако се одеше согласно договорите, новата Клиничка болница која е од регионален карактер во Градот на Отиња требаше да биде завршена на 30 јуни (пред 11 дена) годинава. Но, фактите говорат дека досега се реализирани само 30 проценти од целокупноста на проектот.
Тоа говори дека 200.000 граѓани од источниот и југоисточниот регион ќе почекаат на поквалитетни услови за решавање на своите здравствени проблеми и потреби уште многу години. Во исто време уште доста време ќе почекаат и докторите како и сиот друг медицински и болнички персонал на подобри услови за работа.
И премиерот Димитар Ковачевски неодамна изјави дека Владата донела одлука врз основа на која ги задолжи и министерствата за здравство и финансии и другите институции, по најитни постапки, да направат ревизија на проектот, да се види до каде се изведени градежните работи, а потоа веднаш да се отпочне со постапката за изнаоѓање на изведувач што ќе ја доврши клиничката болница во Штип.
Инаку станува збор за изградба на нова најсовремена Клиничка болница во Штип, според врвни светски стандарди со најмодерна и најквалитетна здравствена инфраструктура во Македонија. Вкупната вредност на новиот клинички центар со вкупна површина од 34.000 квадратни метри е 56 милиони евра, од кои 30 милиони евра само во градежниот дел, а финансиските средства беа обезбедени уште пред самата изградба на објектот.