Штип, 16.05.2024
По повод 18 мај, Меѓународниот ден на Музеите, во НУ Завод и Музеј Штип утре, (17.05.2024) точно на пладне ќе биде отворена изложбата „Македонско девојче во бело“ посветена на Славјанка Влахчева – првата медицинска сестра во Македонија, добитник на меѓународната награда “Florence Nightingale”. Изложбата ќе биде поставена во просториите на историската поставка на НУ Завод и Музеј Штип.
Славјанка Влахчева е родена во Штип на 18 декември 1900 година. Потекнува од занаетчиско семејство кое и овозможува да се школува завршувајќи шести клас Гимназија. Кога во Белград во 1921 година е отворено првото училиште за медицински сестри, под раководство на доктори и медицински сестри од Англија и САД, Славјанка е меѓу првите ученици на ова училиште. Во 1924 година, станува прва дипломирана медицинска сестра од Македонија. Овде треба да напоменеме дека на Славјанка и било понудено да престојува и да работи како медицинска сестра во Англија. Иако таа ја знаела вредноста на оваа понуда за својата иднина и перспектива, сепак одлучува да се врати во Македонија. Доаѓањето на Влахчева во родниот Штип се совпаѓа со отварањето на првата антималарична станица. Во периодот од 1924-1930 година работи на сузбивањето на најопасната заразна болест во тоа време во Македонија, маларијата.
Овде е важно да напоменеме дека нејзината интензивна и самопрегорна работа ќе биде инспирација и поттик на многу девојчиња за да се определат за овој повик и да го следат патот на Влахчева. За ова најилустративно зборува Цветанка Хаџи-Василева, исто така носителка на признанието „Флоренс Најтингел“ „Благодарение на Славјанка која со својата работа го пренесуваше и духот на сестринството на младите секоја година од Штип оделе во Белград, а покасно и во Скопје каде учеле за медицински сестри“. Штип ќе стане лулка на сестринството во Македонија.
Од вкупниот број на сестри што дипломирале во Белград и во Скопје и други места во бивша Југославија до ослободувањето во 1944 година над 50% се девојки од Штип. Животниот пат на Славјанка ја води во Скопје каде поминува скоро 10 годиниа, од 1930-1940 година. Во периодот херојска епопеја на народноослободителната борба сестрата Славјанка е борец во 14 Македонска ударна бригада и се грижи за ранетите и болни борци. Славјанка учествува во ослободувањето на Скопје каде ја дочекува слободата.. По ослободувањето, од Министерството за Народно здравје добива задача да отвори училиште за медицински сестри во Скопје каде како директор е до завршување на првата генерација. Потоа до своето пензионирање во 1953 година, ја вршела функцијата Началник на управата за борба против туберкулоза.
Како голем активист во работењето на Црвениот крст на Македонија, од Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Женева, и доделено највисокото светско признание на Црвениот крст, Медалот „Флоренс Најтингел“.