Платформата за мерење на квалитетот на воздухот „Ај-кју ер“ покажува дека Скопје претпладнево е на 10. место на светската листа на најзагадени градови. Со индекс на загаденост од 187 воздухот во Скопје е во категоријата „нездрав воздух“.
Прв на листата е Лахор во Пакистан, по што следуваат Делхи во Индија и Вухан во Кина.
Според последниот достапен извештај на сајтот на МЖСПП од Македонскиот информативен центар за животна средина за вчера, среднодневните концентрации на суспендирани честички со димензија до 10 микрометри биле над рамките на граничната вредност на мерните места Центар, Гази Баба, Карпош, Лисиче, Ректорат, Ѓорче Петров, Миладиновци, Битола 2, Кичево, Тетово, Гостивар, Охрид, Велес 2, Кавадарци, Куманово и Струмица.