Украина за првпат употреби во борба своја тактичка балистичка ракета „ФП-7“, изјави претседателот Володимир Зеленски.
„Украинска тактичка балистичка ракета ФП-7. Прва борбена употреба“, напиша Зеленски на Телеграм. „Ви благодарам за резултатот. Следен чекор – производство.“
Тој не прецизираше каде била употребена ракетата ФП-7 во борба, ниту против која цел.
Русија често користи балистички ракети при напади врз украински цели, а Украина го смета развојот на сопствени тактички балистички ракети за важен елемент во задоволувањето на своите одбранбени потреби по четири и пол години конфликт со Москва.
Потребата за ефикасно пресретнување на балистички ракети се зголеми додека Киев се подготвува за очекуван, долготраен руски напад во претстојната зима. Украинското производство на ракети значително заостанува зад она на Русија.
Зеленски претходно оваа година ги пофали резултатите од тестирањата на тактичката балистичка ракета, наведувајќи дека тие покажале голем потенцијал за нејзина употреба од страна на војската.
Украинските воени аналитичари ја опишуваат ФП-7 како ракета со краток дострел, од околу 200 километри.
Производителот на ракетата, компанијата „Фајр Поинт“, наведува дека таа се развива како балистички пресретнувач во рамките на европската програма за ракетна одбрана „Фреја“, започната оваа година.
Воените аналитичари ја споредуваат ФП-7 со американскиот систем ATACMS, од кои дел веќе се испорачани на Украина. Сепак, ФП-7, која помина низ забрзан развој за да одговори на руската закана, е значително поевтина.
„Фајр Поинт“ исто така развива и ракета ФП-9 со дострел до 850 километри, за која претставниците на компанијата велат дека би требало да биде подготвена до крајот на годината.
Аналитичарите сугерираат дека распоредувањето на двете ракети би ѝ овозможило на Украина да напаѓа руски локации за лансирање и производство на ракети и да врши притисок врз воената инфраструктура на Москва.
Украина и клучните западни сојузници во јули најавија формирање коалиција за воздушна одбрана со цел да се продолжи со проектот „Фреја“, кој има за цел заеднички развој на поевтина алтернатива на американскиот систем „Патриот“. Украина сака прототипот на европскиот систем за противбалистичка одбрана „Фреја“ да биде подготвен во првата половина од следната година, изјави во јули Давид Алојан, заменик-секретар на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина.
