За цар Самуил е постигната препорака за заедничко одбележување од страна на македонската и бугарската историска комисија, но во усогласениот документ не стои формулација дека „цар Самуил бил Бугарин“.
Во официјалните препораки на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, под насловот „Цар Самуил“, се наведува дека тој бил владетел на голема средновековна држава, која „поголемиот дел од современата историска наука ја смета за Бугарско царство со центар во територијата на денешна Република Северна Македонија“.
Во документот се додава дека државата опфаќала значителен дел од Балканот, додека цар Самуил и неговата судбина се опишуваат како симбол на заедничката историја што ја споделуваат двете современи држави.
Комисијата им препорачала на владите во Скопје и Софија заедничкото одбележување на цар Самуил да биде во духот на Договорот за пријателство, како знак на споделени вредности, добрососедство и пријателство.
Истовремено, Комисијата во 2022 година појаснила дека никогаш не разговарала или усогласувала текст што требало да биде поставен на споменици, спомен-обележја или тврдини.
Сепак, меѓувладиниот протокол од 2022 година предвидува владите на заедничка церемонија да ги откријат обновените натписи на Самуиловата тврдина во Охрид, кои би ги одразувале препораките на Комисијата. Таквата церемонија досега не е реализирана.
Протоколот предвидува и Владата во Скопје да подготви примерок на лекција за седмо одделение посветена на цар Самуил, во согласност со препораките на Комисијата, со можност таквата содржина во иднина да биде вклучена во наставната програма.
