Штип, 30.07.2025
Точно 61 пожарникар од Словенија утрово го поминаа граничниот премин „Табановце“ и пристигнаа во Македонија каде ќе се приклучат на македонските и чешките пожарникари во битката со шумските пожари кои беснеат ширум земјава.
Пожарникарите од Словенија во нашата држава дојдоа со 18 најсовремени противпожарни возила.
Братска Словенија уште еднаш ја докажува својата солидарност со народот на Македонија како што тоа беше и во 2021 година кога словенечките пожарникари, заедно со нивните колеги од Австрија, Бугарија и Македонија ги спасија шумите од огнената стихија која беснееше во Малешевијата и Пијанецот во пределот на општините Берово, Пехчево и Делчево.
Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, информира дека утрово на скопскиот аеродром е одржан оперативен брифинг со екипажот на чешкиот хеликоптер „Блек Хок“. Брифингот го спровеле старешини од Армискиот воздухопловен ВИНГ, при што посадата била детално запознаена со пожарот што беснее на планината Готен од беровската страна.
Како најпогоден извор за полнење вода е одбрано вештачкото езеро Турија, кое се наоѓа на само десетина километри воздушна линија од локацијата на пожарот. По завршување на подготовките, хеликоптерот веднаш се упатил кон локацијата и наскоро започнува со дејствување.
„Поради строгите армиски правила, засега нема фотографии или видеа од подготовките. Во текот на денот ќе објавиме визуелен материјал од интервенцијата на хеликоптерот врз пожарот“, соопшти Ангелов.
Покрај воздушната поддршка, во близина на Берово веќе пристигна и конвојот од 61 словенечки пожарникар, кој се движи со 18 возила, меѓу кои има и специјализирана опрема за гаснење на шумски пожари во непристапен терен.