СРЕДБА СО РОБЕРТ ДАНДАРОВ, МАКЕДОНСКИ ЛИКОВЕН УМЕТНИК ВО ЊУЈОРК
- Во Њујорк работат на 600.000 уметници и секој си го бара своето место под уметничкото сонце на градот кој никогаш не спие
Роберт Дандаров е македонски ликовен уметник кој долги години живее и како слободен ликовен уметник работи во Њујорк. Во градот кој никогаш не спие Роберт заминал во 1976 година, а на почетокот од овој месец десеттина дена боравеше во Штип кај своите сестри Силвана и Лена. Беше тоа убав повод за разговор со овој уметник. Разговаравме за уметноста таму и тука, за животот, за искушенијата, за тоа како е да се работи како слободен уметник во најпознатиот град на светот, колку се значајни корените во животот на еден уметник.
„Во Македонија како средношколец учев во училиштето за примената уметност во Скопје, а потоа, од свои причини, решив да заминам за Америка. Се скрасив во Чикаго каде се запишав на ликовна академија, а таму добив и стипендија како надежен уметник. Завршив три години, па се вратив дома да го отслужам воениот рок во тогашна ЈНА од каде се вратив во Америка, ама во Њујорк каде исто така добив стипендија да специјализрам графика. Подоцна ме испратија во Доминиканска Република каде две години предавав уметност за потоа да отпатувам за Белгија каде ги студирав старите мајстори по сликарство, а од таму одново во Њујорк“, вели Дандаров.
Но, како е во град-мегаполис каков што е Њујорк да се работи како слободен уметник?
„Тоа воопшто не е лесно но не значи дека не може да се живее. Во Њујорк има над 600.000 уметници и секој си го бара местото под сонцето на уметноста. Но, како и насекаде и во овој град не секој е уметник, не секој кој фатил четка е сликар. Конкуренцијата е огромна и секој настојува да влезе во некоја позната галерија зашто галериите таму се исклучително значајни за уметниците зашто ако те земат под своја заштита тие комплетно се грижат за тебе. Јас влегов во неколку галерии но тоа не се врвните зашто ако успееш да влезеш во врна галерија ти по секоја основа си обезбеден за сите времиња.Јас сум задоволен од фактот што мои слики биле изложувани во многу галерии во Њујорк. Но, и од тоа не може убаво да се живее, а јас најмногу живеам од сликање портрети по нарачка, што го прават и многу други уметници“, нагласува Дандаров.
Уметникот Роберт живее во Бруклин. Вели дека уметноста влијае на развојот на една средина, а тоа го илустрира со пример токму од Бруклин.
„Таму започнаа да се населуваат се повеќе уметници зашто станбениот и деловен простор во Бруклин беше поефтин од другите делови на градот. Но, по нив веднаш започнаа да доаѓат фирми кои се бават со купопродажба на недвижности но и градежни компании. Бруклин започна да расте, а со тоа порасна и цената на метар квадратен. Сега уметниците бараат некоја друга локација, но и ако ја откријат по нив пак ќе дојдат градежниците и целата приказна пак ќе се повтори. Но тоа е животот во Америка, во Њујорк посебно“, вели Дандаров.
Сликарот од Македонија во Големото Јаболко во своето сликарство ги поминал сите фази; од апстрактно, преку реализам па се до фигуративно. Вели дека инспирацијата ја наога во себе, во своите гени, во корените. –„Критичарите моето сликарство го титулираат како Macedonian noar Всушност работам модерно сликарство инспирирано од нашите корени, од нашата митологија. Мене, барем до овој момент, ништо во Америка не ме инспирирало да насликам, и затоа јас мислам дека секој уметник во себе си го носи она што го има во гените, во корените, во себе и со себе. Јас од мојата кожа не можам да излезам, зашто уметноста не може да се глуми, таа е продукт на гените, на потеклото“, јасен е Дандаров )
Тој смета дека Македонија има пејсажи од кои и еден Ван Гог би се „утепал“ сликајќи ги прекрасните наши пејзажи. Дандаров изложувал и во Македонија, самостојни изложби имал во Музејот на современата уметност, во Музејот на град Скопје, а при сегашното доаѓање во Македонија со една слика е присутен и во групната изложба под наслов „Ерос и Танатос“ во галеријата кај старата железничка станица во Скопје со која се претставуваат десеттина млади македонски уметници.
Според Дандаров, во Њујорк при Македонскиот културен центар постои галерија во која изложуваат наши уметници.-„Од нивното сликарство можам да видам што се случува во македонското сликарство“, вели Роберт Дандаров и додава дека еден убав ден би сакал да има изложба и во нашиот Штип зашто тука му живее еден драгоцен дел од семејството.
Македонија има пејзажи што и еден Ван Гог би се „утепал“ сликајќи цел живот!