Успешно изведена првата трансплантација на менискус

За прв пат во државата, денеска е изведена трансплантација на менискус кај 30 годишен пациент, кај кој претходно е извршена тотална менисцектомија на медијалниот менискус, информираат во Министерството за здравство. Операцијата ја извел доц. д-р Алан Андоновски, а во тимот биле вклучени ас. д-р Милена Богојевска Доксевска, д-р Исмаил Велиу, д-р Теодора Божиновска, д-р Мики Ѓорески, медицинските сестри Билјана Тројановиќ, Сања Тодоровска, Костадинка Вуковиќ и болничарка Ирена Галевска.

Анестезиолошкиот тим го сочинувале д-р Мики Филев, сестра Злата Апостолоска и Гордана Захариева.

„Овој тип оперативен зафат не би бил можен без постоење на програмата за трансплантација и дарувањето органи од починат дарител. Во оваа прилика ја потенцираме важноста на алтруизмот на семејствата на починатите дарители, што на уште еден пациент, благодарејќи на нивното човекољубие, ќе му се подобри квалитетот на живот“, вели д-р Милена Богоевска Доксевска, болничка координаторка за трансплантација на Клиниката за ортопедија.

Националната координаторка за трансплантација, проф. д-р Билјана Кузмановска се заблагодарила на семејството на донорот, како и на медицинскиот тим.

„Ќе продолжам уште поинтензивно да се залагам во подигнувањето на свесноста кај граѓаните за органодарителство. Исто така, мој врвен приоритет останува инвестиција во едукацијата и нови развојни методи во трансплантационата медицина“, вели проф. д-р Кузмановска.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press