Денешниот ден, 3 октомври, се празнува како Ден на издавањето на Манифестот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ, во 1943 година.
Истовремено, тоа е и Патронен празник на општина Дебрца.
Историскиот ден, одбележан е денеска во селото Црвена Вода, Општина Дебрца, но и во Белчишта, седиштето на општината.
Градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески, положи цвеќе пред Спомен обележјето во Црвена Виода, а истото, го сторија и претставници на Боречката организација за општините Охрид и Дебрца, на Организацијата на ветераните од одбраната и заштитата, за Охрид и Дебрца, како и на селото Црвена Вода.
Пригоден говор одржа претседателот на Организацијата на борците и поддржувачи на традицииите од НОВ и ПОМ, воедно и потпретседател на Републичката организација, Гоце Георгиевски.
Георгиевски потенцираше дека во текот на Втората светска војна, македонските партизани, токму на овој терен во Дебрца, ја извојуваа првата слободна територија во земјата, додека во Црвена Вода, со Манифестот, формирањето на Иницијативниот одбор и подготовката на документите за АСНОМ, во Прохор Пчински, удрени се темелите на македонската држава, со сите нејзини атрибути.
-Сето тоа не беше можно, доколку мештаните од ова село, не застанеа до еден во поддршката на партизанското движење и обезбедувањето на услови за безбеден престој на партизаните, најнапред во селото, а потоа и во базите на планината Караорман, во поглед на собирање храна, плетење обувки, облек и слично, рече Георгиески.
Градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески, исто така, забележа дека Манифестот на Главниот штаб на ослободителната војсдка, по своето историско значење, е еднаков на Крушевскиот манифест, бидејќи сите подоцнежни асномски одлуки се инспирирани од него, со што слободно може да се констира дека извориштето на современата македонска држава е во Дебрца, местото каде се испишани најсветлите страници од македонската историја.
– Со полагање свежо цвеќе на спомен обележјето, историски час, посета на Спомен собата на ГШ на НОВ и ПОМ и посета на Спомен собата од НОБ во село Белчишта одбележавме 81 година од издавањето на Манифестот на ГШ на НОВ и ПОМ, до македонскиот народ, на 3-ти октомври 1943 година, Ден кој е патронен празник на општина Дебрца. Во Дебрца се испишани најсветлите страници од македонската историја, а Манифестот до македонскиот народ, од 1943 година, по своето значење, е еднаков со Крушевскиот манифест од 1903 година и во него е претставена платформата на македонската државност, односно Асномска Македонија, нагласи Ногачески.
Ногачески додаде, дека како генерација имаме обврска, но и аманет од нашите претци да се однесуваме одговорно кон нашата историја и нејзините придобивки. Затоа и во наредниот период посветено ќе работиме да се сочува интегритетот на Дебрца, нејзината епска димензија и еколошка иднина.
Блиску до Црвена Вода , на Славеј Планина, пред 81 годинa, беше формирана првата регуларна воена единица, баталјонот „Мирче Ацев“. Во селото Сливово беше формирана Првата Македонска-Косовска ударна бригада, со што Дебрца стана првата слободна територија во НОВ, додека во селото Издеглавје, со првиот свештениочки собиор, во 1944 година,практично, е возобновена Македонската Православна Црква, во лицето на Охридската Архиепископија, што од Дебрца прави постојбина не само на македонската држава, туку и на црковната афтокефалниост.