Зошто во Клиничка болница Штип најмногу се расипуваат компјутерската томографија и магнетната резонанца?

Штип, 09.07.2023

д-р Аленд Георгијев, директор на болницата

Магнетната резонанца и дигиталниот рентген апарат кои им служат на пациентите во штипската Клиничка болница во моментов се надвор од функција. Вредните и скапи апарати се расипани подолго од еден месец и тоа е проблем како за докторите уште повеќе и за пациентите.

-Поправките мора да одат на тендер, таков е законот, за рентген апаратот добивме понуда да биде поправен и ставен во функција за сума од 35.000 евра,  додека за магнетната резонанца чекаме понуда, вели д-р Аленд Георгијев, директор на болницата.

Инаку, Клиничка болница Штип е од регионален карактер и е на услуга на 200.000 граѓани од источниот и од југоисточниот регион. Според првиот човек на болницата спомнатите апарати, односно дијагностичката апаратура, а најчесто компјутерската томографија најчесто се расипува бидејќи исклучиво многу се користи и е единствена од таков вид во спомнатите региони.

Во последните три години од Клиничка си заминале сто лица од кои 30 се доктори специјалисти. На неодамна распишаниот оглас за осум места се пријавиле дури 40 млади доктори, што покажува дека Клиничка болница е посакувана дестинација за нивната работа и кариера.

-Оваа специфична апаратура ја имаме само во Клиничка болница Штип,а тоа се компјутерска томографија, магнетна резонанца и ангиограф кои апарати се многу скапи и во месец декември за нивна поправка плативме над дваесет милиони денари. Во периодот после ковидот имаме долгови од сто милиони денари, а побарувањата ни се 25 до 30 милиони денари, па и тоа е голем проблем, коментира Георгијев.

Но, не се проблем само апаратите кои се расипуваат поради преголема употреба. Клиничката болница во Градот под Исарот, посебно во последните години, се соочува и со одлив на кадара, а нов тешко се прима.

-Во текот на последните 2-3 години од болницата си заминаа над 30 доктори специјалисти, а полни три годи ни не сме примиле ниту еден. Или, ако сакате точна бројка ќе кажам дека од сите профили, доктори, сестри болничари од кај нас си заминаа над сто лица. Дури неодамна добивме одобрение да распишеме оглас за прием на специјалисти и друг кадар и тоа само за 16 лица. Нам ни фалат анестезиолози од кои имаме само тројца, а ни требаат најмалку седуммина, потоа ни недостигаат ортопеди од кои имаме четворица, а ни недостигаат уште толку, имаме двајца офотмолози но потребни ни се шестмина, укажува директорот Георгијев.

Минусот на специјалисти болницата го надоместува со прекувремена работа на оние кои се во болницата. Но, тоа, според директорот, ги зголемува трошоците и доведува до пад на квалитетот на услугите.

Докторите ги „снема“ од Клиничка болница по три основи: одење во пензија, заминуивање на работа во странство и премин во приватни здравствени установи. Но, сега се јави надеж дека некоја млада генерација доктори сака да остане да работи дома, па на распишаниот оглас за прием на 16 лица од кои 8 се доктори се јавија над четириесет кандидати. Директорот Георгијев вели дека тоа говори оти  младите доктори ја гледаат Клиничка болница како посакувана дестинација за  нивните кариери. За медицински сестри за кои е распишан оглас за 6 позиции се јавиле десет од кои осум веќе работат со говор за дело.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе