Жордан Бардела го откажа говорот во Вашингтон обвинувајќи го Стив Бенон за нацистички поздрав

Францускиот екстремно десничарски лидер Жордан Бардела го откажа планираниот говор на Конференцијата за политичка акција на конзервативците во Вашингтон (CPAC), откако поранешниот главен советник на Доналд Трамп, Стив Бенон на сцената направи гест со рака што Бардела и другите го споредија со нацистички поздрав.

Како што пренесе Би-Би-Си, Бенон извикува „борете се, борете се, борете се“ пред да ја испружи десната рака со прстите насочени нагоре, за време на неговиот говор на CPAC во четвртокот навечер по локално време.

Бардела, кој ја предводи француската партија Национален собир, веќе беше во Вашингтон и требаше да зборува на настанот денеска. Но, тој во изјавата рече дека го откажува својот говор поради, како што рече, „гест кој се однесува на нацистичката идеологија“.

Бенон ја негираше нацистичката споредба и го нарече гестот „бран“, велејќи дека тоа е „точно истиот бран“ што го направи на сцената во говорот за партијата на Бардела пред седум години во Франција .

„Ако го откажал [говорот] поради она што го објавија мејнстрим медиумите за говорот, тогаш тој не го слушал говорот. Ако тоа е вистина, тој не е достоен да ја води Франција. Тој е момче, а не маж“, изјави Бенон за францускиот магазин Ле Поинт.

Бардела, кој се смета за иден кандидат за претседател на Франција, беше еден од неколкумината меѓународни политичари од висок профил што требаше да зборуваат на CPAC за време на четиридневната конференција.

Претходно, на конзервативниот настан се обрати поранешната премиерка на Обединетото Кралство Лиз Трас, како и аргентинскиот претседател Хавиер Милеи кој му предаде на Илон Маск моторна пила што ја покажа на сцената прославувајќи ги големите кратења на трошоците на федералната влада на САД.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони треба да зборува во сабота, пред обраќањето на претседателот Трамп. Таа го потврди својот говор и покрај гестот на Бенон.

На оваа конференција денеска 18 минутно интервју имаше и македонскиот премиер Христијан Мицкоски, за што во македонските медиуми е створена голема помпа.

Гестот на Бенон се чини дека го отсликува гестот на Маск за време на инаугурацијата на Доналд Трамп во јануари. Маск, исто така, негираше дека извршил нацистички поздрав.

Бенон, кој беше главен советник на Трамп на почетокот на неговиот прв мандат пред претседателот да го отпушти, е екстремен конзервативец кој го води влијателниот подкаст „Воена соба“.

Тој беше ослободен од затвор во октомври, откако отслужи четири месеци за одбивање на поканата на Конгресот да сведочи за нападот на американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе