Владата со пет милиони евра ќе го подобрува водоснабдувањето на Штип, Лозово и Карбинци

Штип, 09.12.2018

Општините Карбинци и Лозово ќе градат нови филтер станици, а општина Штип ќе си обезбеди нова технологија во својата филтер станица со што ќе се  овозможи покрај подземните да  можат да се преработуваат и површинските  води од регионалниот хидросистем „Злетовица“.

„Владата одобри пет милиони евра за квалитетно решавање на водоснабдувањето на општините Штип, Лозово и Карбинци. Штип добива пари за преадаптација на својата филтер станица за истата да може да ги прифати површинските води од регионалниот хидросистрем. Помалите општини Карбинци и Лозово ќе добијат пари за изградба на нови филтер станици за да можат да ги задоволат потребите на своите жители со квалитетна вода за пиење“, информира Миле Илиевски, директор на ХС „Злетовица“.

Од овие пет милиони евра општините ќе можат да користат 3,5 милиони евра во текот на идната година, додека другите пари ќе ги добијат во 2020 година.

Општина Карбиници мака мачи како да ги задоволи потребите на своите близу 5.000 жители.

-Овој потег на Владата е од животно значење за жителите на нашата општина. Со изградбата на филтер станицата што е наш сон од моментот кога постанавме самостојна општина, ќе се обезбеди вода за пиење на 83 проценти од населението. Ова од причина што од нашите вкупно 29 населени места еден дел се во простор на планината Плачковица, и тие ќе се снабдуваат преку регионален водоснабдителен систем за кој се потребни еден милион евра пари за кои ние ќе аплицираме во наредната година, вели Јордан Насев, градоначалник на Карбинци. Оваа општина во моментот со вода за пиење се снабдува од петнаесет посебни водоснабдителни системи што, според Насев, нивната вода ја чини многу скапа. –„Ако останеме на сегашниот начин на водоснабдување во идните три години цената на водата ќе се зголеми за 40 проценти, со изградбата на филтер станицата и прифаќање на водите од „Злетовица“ цената на водата ќе ни биде пониска за дваесет проценти“, вели Насев.

Oпштина Лозово која има 2.850 жители и девет населени места од кои пет се поголеми а во другите живеат по едно до две семејства, со нетрпение ја очекува својата филтер станица. – „Во моментов со вода се снабдуваме од сопствени бунари со водоводи, а тоа не е добро решение. И уште четири села освен Лозово се со свои водоводи  но само филтер станицата и водата од ХС „Злетовица“ генерално ни го решава проблемот за многу идни години. Покрај филтер станицата ние ќе изградиме и главна водоводна линија во должина од четири километри со која ќе бидат снабдени поголемите села“, вели градоначалникот Аце Велковски.

Штип пак цело време со вода се снабдува од седумдесеттина рени бунари лоцирани покрај реката Брегалница. Со изградбата на ХС Злетовица се пристапи и кон доизградба на филтер станицата со нов објект и технологија кои овозможуваат зафаќање и преработка на површинските води од системот. Во оваа работа многу помогна Владата на Словенија преку својата амбасада во Македонија која за проектот одобри 1,2 милиони евра. Но, некои работи не се во согласност со технолошките стандарди поради што мора да се интервенира за најголемиот потрошувач на вода од Злетовица да може истата и да ја користи.

ХС „Злетовица“ е пуштена во употреба во 2010 година, а одтогаш нејзините води ги користат само општините Свети Николе и Пробиштип, и двете добиваат по 50 литри вода во секунда. Од овој систем за шесте општини во регионот се предвидени 900 литри вода во секуинда, од кои половина се наменети за Штип.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе