КОЧАНИ добива нов пешачки мост на Кочанска река

Кочани, 11.02.2021

Наскоро Кочани ќе добие нов мост на Кочанска река која минува низ центарот на градот. За таа цел се изготвени идејно решение и проект за инфраструктура, врз основа на кои избраниот изведувач „Еуро роад дизајн груп“ од Скопје  ќе работи на подготовка на основен проект.

Мостот ќе има современ дизајн, челична конструкција со футуристичка линија, ќе биде поплочен со гранитни плочки. Тој ќе биде врска помеѓу Летната сцена на Центарот за култура „Бели мугри“ и  источниот влез на Трговскиот центар. Ќе биде со широчина од 4 метри и должина околу 21 метри, со две проширувања во форма на лак и дополнителни елементи за осветлување.

–Овој мост ќе биде естетско освежување на кејот на Кочанска Река. Тој и симболично, со неговото име „Пријателство“, и реално ќе поврзува две централни целини во градското подрачје. Едната е веќе реконструираниот Трговски центар, а другата Градскиот парк, кој допрва ќе се обновува. На тој начин ќе се создаде една урбана функционална целина – вели Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.

Со основниот проект за пешачки мост на Кочанска Река детално ќе се разработи конструкцијата, ќе се дефинираат  нејзините профили и прецизно ќе се димензионира. Рокот за изработка на проектот е четири месеци.

(Љ.А.)

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе