КОЧАНИ: Пониква ечеше од автомобили во ридско-брзинската трка

Кочани, 16.09.2019

 На патеката долга 6,4 километри кон планинскиот туристички центар Пониква, вчера се возеше ридско-брзинската трка „Кочани 2019“, како дел од Државниот шампионат во автомобилизам. Мирот на планината  за момент го наруши бучавата од 18 автомобили со 25 возачи. Организатор беше АКК „Custom car RT“ од Скопје, во сите четири класи учествуваа возачи од Македонија и гости од Бугарија. Трката успешно ја завршија 18 возила.

Трката ја отвори градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев која истакна дека радува фактот што продолжува возобновената традиција од лани, патеката кон Пониква да остане во календарот на натпреварите, што придонесува за промоција на овој спорт во регионот, но и на Пониква како туристичка дестинација.

70253449_944739065918809_1506847863726931968_n_800x533Во најсилната класа Е1-2000, првото место му припадна на Димитри Кимовски од АКК „Перформанс“, а по него се најдоа Давид Малинковски од АКК „Custom car RT“ и Даниел Блажевски од АКК „ПСС РТ“.

Во најниската класа А-1150, во која имаше и најголема конкуренција, најбрз беше Георгиј Наков од АКК „ПСС РТ“ од Скопје; во класата N-1400 трката успешно ја заврши Тоше Темелковски од АКК „Скопје“, а во класата Е1-1600 победи Филип Василевски од АКК „Custom car RT“.

Во екипна конкуренција најмногу поени освоија возачите од АКК „Custom car RT“, пред АКК „ПСС РТ“ и АКК „Скопје“. На прогласувањето на најдобрите, награди им беа доделени и на гостите од Бугарија, Диана Стојанова која возеше во класата Е1-2000 и Јасе Николов во Е1-1600, како и на дебитантот од Кочани, Дејан Манасиев.

Трката беше поддржана од Општина Кочани и повеќе спонзори. До крајот на сезоната преостануваат уште кружната трка во Кичево и ридско-брзинскиот натпревар на Витачево кај Кавадарци.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе