КОЧАНИ: Ѕид од изборен (плакати) станува уметнички (мурали и графити)

Кочани, 17.03.2020

Ликовни уметници кои пред неколку месеци почнаа да изработуваат мурали и графити на потпорниот ѕид кај Атомските згради во Кочани, на булеварот „Тодосија Паунов“, од ѕид за политички пораки (плакати) го трансформираат во ѕид на уметноста преку цртање мурали и графити. Поволната временска состојба овозможи овие денови таму да бидат создадени нови уметнички креации.

Орхан Ќамилов, Иван Шапков, Давид Јосифов и други творци, со насликаните дела упатуваат универзални пораки за повеќе љубов, толеранција и грижа за човековата околина.

90441738_622213968566465_8315535951866626048_n– Овој ѕид претходно беше наменет исклучиво за изборни плакати. Сѐ уште постојат траги што сведочат за тоа, кои ние до последна ќе ги отстраниме. Со неговата пренамена, од изборна/политичка во уметничка, испраќаме порака дека е време да се менува перцепцијата на нештата. Додека работиме, уживаме, иако овој простор не е многу безбеден и едноставен за работа. Голем е, и ние ќе се потрудиме во етапи, целосно да го исполниме, па сите заеднички да уживаме во неговиот редизајн – рече академскиот сликар Орхан Ќамилов.

Според службите за јавни дејности во Општина Кочани, оваа активност е дел од општинската Програма за култура, со која се дава акцент на урбаната односно тнр. „улична уметност“. Целта е сивите и празни ѕидови во градот да добијат уметничка димензија.

На просторот на ѕидот кај Атомските згради што нема да биде насликан во оваа фаза, ќе се работи и догодина. Истовремено ќе се идентификуваат и нови локации за вакви или слични уметнички дела.

                                                                                                Љ.Ајтовска

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе