ШТИП: Снег врне 24 часа, во градот сите улици проодни

Штип, 10.01.2019

Цели 24 часа во Штип врне снег, но улиците и патиштата се солидно одржувани па нема некој поголем проблем во одвивање на сообраќајот. За улиците е задолжен ЈП „Стипион“, тротоарите се во надлежност на ЈП „Исар“. И додека овие две јавни претпијатија сосема успешно си ја извршуваат одговорната и тешка работа, речиси никој од дуќанџиите не фаќаат лопата или метла в рака за да исчистат пред своите објекти. Единствено убаво исчистен простор видовме пред сендвичарата „Бамби“ кај поранешното кино.

„Оваа година улиците се одлично одржувани па немаме проблем во сообраќајот во градот. Само така нека продолжат нашите јавни претпријатија па ќе ги паметиме по тоа дека во последните 15 години ова зимо имаме најдобро одржување“, ни рече таксистот Ацо со кого денес се возевме низ Штип.

ЈП „Стипион“ на терен ја испрати целата своја механизација и работниците кои упорно работеа и работат на расчистување на улиците и нивно оспособување за сообраќај.

49639312_2058243087548076_6026913059975462912_n„На терен сме секоја минута, работиме на чистење на улиците, имаме многу стара механизација па дел од машините бргу се расипуваат. По приоритетност прво ги исчистивме улиците од прв и од втор приоритет, а тоа се главните градски артерии. Потрошивме над 180 тони абразивен материјал, сол и песок и ценам дека работата добро ја извршуваме“, вели Сашко Протогеров, директор на ЈП „Стипион“.

За тротоарите е задолжен ЈП „Исар“.

„На терен имаме од 80 до 100 работника кои ги чистат тротоарите. Приоритет како и секогаш ни е централното градско подрачје каде се сите училишта и институции од кои граѓаните имаат потреба. Сега работиме на булеварот „Гоце Делчев“ откај Лук Оил, а потоа ќе работиме на тротоарите по населбите. Расфралме песок од стар трактор зашто немаме доволно механизација но голема работа ни врши малиот трактор со брана напред со што бргу и ефикасно се чистат тротоарите од снегот и мразот таму каде што го има“, вели директорот Живко Тасев.

Советот на општина Штип на една од последните седници донесе одлука за купување на машина – соларка, но поради законската процедура на неа ќе се почека до идното зимо.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе