БЕРОВО: Советниците едногласни плоштадот во Русиново да го носи името на Верица Белчовска

Берово, 27.04.2021

Советниците и од позицијата и од опозицијата на денешната седница на Советот на Општина Берово едногласно ја прифатија иницијативата на Благој Механџиски-Зегин плоштадот во село Русиново да го носи името на починатата Верица Белчовска чии донирани органи спасија најмалку три животи. Исто така на овој простор ќе биде поставено и спомен обележје во чест и во спомен на Верица.

Идејата на бизнисменот Благој Механџиски беше поддржана и од порталот Malesnet.mk. Овој портал ги анкетираше малешевци во однос на идејата на Механџиски и голем број жители на Малешвијата се изјаснија позитивно за предлогот.

-На денешната седница на Советот на општина Берово ја разгледавме иницијативата и сите советници застанаа зад истата. Советот донесе заклучок за отпочнување на постапката за законско изведување на оваа иницијатива со доставување на истите до надлежните одделенија во општината, изјави Јован Матеничарски, претседател на Советот.

Тоа ќе значи дека оваа иницијатива ќе биде препратена до надлежните одделенија за урбанизам и комунални дејности, што е работа која ја регулира законот по што целата оваа убава иницијатива ќе може и да се реализира. .

Со иницијативата на бизнисменот Механџиски е предвидено во селото Русиново да се подигне спомен обележје на 20 годишната Верица Белчовска која го загуби животот откако во неа удри автомобил, а нејзиното име да го носи и мегданот (плоштадот). Благој Механџиски кој потекнува од Русиново се обврза сам да го финансира овој проект.

Механџиски на жителите на неговото Русиново уште им вети изработка на бунар со длабочина од 460 метри.-„Ќе ги зафатиме сите убави и чисти води од планините, а моите соселани ќе добијат „жива“ вода која ќе можат да ја користат за сите свои потреби, изјави Механџиски.

Сега се очекува да започне постапката и во еден брз временски рок Верица Белчовска, девојчето кое имаше само 20 години пред да го загуби животот, и кое многу медиуми во државава ја нарекоа „нашата хероина“ да си го добие заслуженото место во историјата и животот на Русиново и целата Малешевија.

На денешната седница едногласно беше поддржана и втората иницијатива поднесена од порталот Малеш Нет, во која се предвидува достојно обележување и поставување спомен – обележје во чест на Дедо Иљо Малешевски.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе