Владата дојде на истокот да решава суштински прашања за неговиот развој

Штип, 06.04.2018

Пишува: Иван Бојаџиски
Пишува: Иван Бојаџиски

Вчера цел ден добар дел од владиниот кабинет, на чело со премиерто Зоран Заев, го поминаа во работна посета на дел од источниот регион. Премиерoт Заев со министерката за труд и социјална политика Мила Царовска во Штип имаа средба со бизнис заедницата, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на Агенцијата за државни патишта Зоран Китанов извршија увид во градежните активности на експресниот пат Штип-Кочани, а министерот за земјоделие, водостопанство и шумарство Љупчо Николовски со соработниците прво беа меѓу земјоделците во општина Чешиново-Облешево, во самото срце на кочанската оризова котлина, за потоа со општинското раководство на Кочани да ја  посетат локацијата на која се прават подготовки за изградба на браната „Речани“ на Оризарска река.

Практично, владините репрезенти, вчера се позанимаваа со најгорливите прашања за економскиот, социјалниот и секаков друг опстој на Источниот плански регион. Премиерто Заев се соочи со поплаката на стопанствениците дека во Штип повеќе нема слободна работна рака, дека локалното стопанство можело да вработи од 500 до 1.000 нови работници но интерес за работа кај младите немало.  Дел од сопствениците на конфекции рекоа дека и сегашните работници биле многу разгалени, некои дури отидоа до таму дека било поисплатливо да се донесат работници од Турција за плата од 700 евра и тие ќе биле поисплатливи од нашите работници кои имале плата од 200-250 евра, дека младите не покажувале никаков интерес за работа во оваа индустрија…Бизисмените од овој сектор уште се поплакаа на медиумите кои две децении за нив создавале лоша јавна перцепција.

Премиерот Заев им порача дека знае за проблемот и ги упати бизнисмените од сите сектори да аплицираат за фондот од 17 милиони евра кои пари Владата ги има наменето за поддршка во нови технмологии на деловната заедница, а со тоа и за  нови вработувања.. Премиерот беше дециден дека е неопходно да се примени процесот на преквалификација за младите со несоодветно образование да стекнат вештини за да можат да се вработат. Заев уште напомна дека е неопходно да се подигне на повисоко ниво социјалниот дијалог за трите партнери во него да направат нови напори за излез од оваа криза.

Министерот Сугаревски по обиколката на патот Штип-Кочани кој е во изградба вети дека оваа важна експерсна сообраќајница, и покрај одделни пропусти кои ги имало досега, ќе била изградена на време. Според министерот, експресниот пат ќе придонесе за раздвижување на економијата во источниот регион кој е еден од најсиромашните во државата.

И Кочани има право да се надева на дефинитивна изградба на браната на Оризарска река која во последните две децении е алатка за добивање или губење избори, ама од многу ветувања досега ништо не е направено. Во друштво на градоначалникот Николчо Илиев, министерот за земјоделие, шумарство и водостопанство порача дека браната „Речани“ ќе биде изградена за време на мандатот на оваа социјалдемократска влада и декаќе биде ставена на располагање на Кочани и други помали населби во овој дел, а ќе помогне и во наводнувањето на дел од земјоделското земјиште.

Според нас одлично е тоа што Владиниот кабинет, премиерот и министрите се повеќе се на терен. Така најдобро може да се има увид во реалната слика за состојбата во која се наоѓа овој сиромашен регион. Тоа дава надеж дека работите во економијаата, а преку неа и во се друго можат да се променат на подобро.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе